Писмо до луѓето кои поминуваат низ тешки периоди

Навистина не сакам да гледам тажни луѓе, но знам и дека животот задава тешки удари. Затоа ова е отворено писмо до сите оние кои се соочуваат со тешкотии, со надеж дека овие зборови барем малку ќе им помогнат.

Имаш страдано.

Ја имаш почувствувано болката и скршеното срце.

Другите исто така имаат страдано, можеби и повеќе од тебе, но тоа не ја прави твојата болка помалку оправдана.

Имаше денови кога се прашуваше зошто воопшто се мачиш. Зошто воопшто се трудиш. Зошто секое утро се будиш и го правиш тоа што треба да го правиш. Кога креветот е единствена твоја љубов и кога не сакаш ништо повеќе од тоа да чекаш во неговата прегратка додека не пројде бурата. Во некои денови се бориш против ова, стануваш и одиш гордо и поднесуваш се. Други денови се криеш, барајќи утеха.

Се сожалуваше себеси и својата судина.

Безброј пати се прашуваше: „Зошто јас?“

И сакаше само да престане.

И тоа е во ред.

Ти си само човек. Ти имаш маани и знаеш што е тоа да се биде скршен и тоа те прави уште поубава личност.

Твојата само-омраза не те дефинира, не те поседува, не е твојот љубоморен љубовник, туку е само уште една мисла која се крие во скриените агли во твојот ум.

Ти си повеќе од тоа. Ти заслужуваш повеќе од тоа. Имаш надминато толку многу работи. Си станувал(а) одново и одново, дури и кога изгледало дека светот се договорил да те скрши и да те претвори во прав. Се бореше и врескаше и плачеше против секоја неправда. Се имаш и откажано, ама и постојано се премислуваш околу тоа.

И тоа те прави прекрасно човечко суштвество.

И тоа те прави силна личност.

Без разлика дали си далеку од дома. Без разлика дали дома не изгледа како дома повеќе. Без разлика дали никаде не се чувствуваш како дома. Затоа што тие коишто не се вклопуваат ги создаваат најубавите работи.

Довербата ја имаш дадено милион пати и милон пати се соочуваше со предавство, но и со награди за довербата којашто ја имаш дадено. Се соочи со напуштање и те напуштиле милион пати, но она што е важно за тебе е да знаеш дека вредиш да дознаеш што е тоа љубов.

Го заслужуваш.

На моменти можеби не изгледа така, но треба да веруваш во тоа. Имаш направено толку прекрасни нешта, му имаш дадено на светот толку прекрасни насмевки. Од твоите погледи некому поминувале морници низ телото, заради тебе срца чукале забрзано и нечии очи сјаеле од љубов. Ги имаш насликано ѕвездите на небото во нечие срце. Имаш подарено љубов и ти имаат подарено љубов и ќе ти подарат љубов. Некој те сакал и оддалеку, без тоа никогаш да го дознаеш, а некој те сакал и со огромна страст.

Без оглед на тоа колку пати си лутал(а) низ темни улички, секогаш има време за повторно да ја пронајдеш светлината.

Секој грев кој ја оцрнува твојата душа може да биде простен.

Прости си себеси.

Земи здив и затвори ги очите, погледни во своето срце и душа и понуди простување. Понуди безусловна љубов. Ублажи ги раните кои се прикрадуваат внатре и разбере зошто го имаш насмеано светот и дека можеш тоа повторно да го правиш. Тоа е она што е важно.

Да се смееш.

Да најдеш прибрежиште во сонцето.

Да најдеш мир во малите моменти.

Не постои некоја голема завера против тебе, универзумот е ладен и голем и навистина не се грижи, но тоа не значи и дека твојот свет е таков. Секој ден има по некоја личност која мисли на тебе и која ти посакува се најдобро. Постојат пријатели кои уште ги немаш сретнато. Браќа и сестри кои ќе те кренат, ќе те направат посилна личност и за кои ќе го направиш и ти истото.

Ти си љубезна и дарежлива личност. Имаш подадено рака на личност која можеби и не го заслужувала тоа. Но, сепак го имаш направенотоа, затоа што си искрено добра личност.

Затоа што тоа е личноста која си ти.

Имаш давано со отворени раце и те имаат клоцано и газено, но ќе научиш повторно да ги рашириш рацете. Иако  се плашиш и ги склопчуваш рацете во тупаници, знаеш дека не сакаш ништо повеќе од сила повторно да ги рашириш своите раце. Да ги срушиш ѕидовите кои толку внимателно ги градеше со тули од тага, измама и самосожалување.

Да стоиш исправено со раширени раце на величествената светлина на животот, имајќи внатрешен мир.

Го можеш тоа.

Имаш сила која можеш да најдеш во себе и да простиш, да љубиш, да се грижиш и да ја споделуваш твојата топлина. Затоа што тоа е твојот талент. Да сјаеш дури и кога темнината се заканува дека ќе преовлада.

Насмевни се.

Сериозно.

Искриви ги усните, сега веднаш, и остави топлината да се рашири на твоето лице. Почувствувај го тоа препознатливо чешање во твоите образи, дозволи му на телото да знае дека постојат работи кои треба да бидат ценети и откриени и дека животот се уште е пред тебе.

Се ќе биде во ред.

Не заради некоја небесна сила. Не заради карма и не заради судбина.

Заради тебе.

Затоа што силата е во тебе и можеш да го претвориш твојот свет во нешто коешто ти е потребно и нешто коешто го сакаш.

Универзумот ни го дава точно тоа што ни е потребно во моментите кога ни е потребно, затоа што се што ни е потребно е токму пред нас, ние само треба да ги отвориме очите и да го прифатиме тоа.

Дури и кога боли.

И некогаш ќе боли, но на крајот ќе видиш дека вредела болката.

Во секој животен век има и добри и лоши работи.

Постои сила и постои слабост.

Клучот е да се храниш себеси со работите кои носат светлина во твојот живот.

Да издишеш и да оставиш сите пречки и препреки, изгребани колена и лузни да отпловат кон ништожноста.

Да ги милуваш и прифаќаш и најмалите насмевки.

Еден ден, се ќе исчезне.

Се што љубиш ќе биде одземено или ќе си замине кога треба.

Само со прифаќањето на овие работи можеме да го најдеме мирот кој толку го посакуваме. Само со искрената љубов и страст и запомнувањето на овие моменти можеме да најдеме среќа. Затоа што среќата постои внатре во тебе и никогаш не може да ти биде одземена, што и да правиш.

Затоа насмевни се.

Насмевни се за се што имаше и за се што ќе имаш.

Насмевни се за тоа што си, за тоа што беше и за тоа што ќе бидеш.

Држи се до твоето семејство. Држи се до твоите пријатели. Држи се до себе. Држи се до сите и шепоти им: „Те сакам, ти си прекрасна личност и светот би бил потемно место без тебе.“

И верувај во тоа.

Остави ги да веруваат.

Ти го заслужуваш ова.

Ти заслужуваш да бидеш сакан(а).

И затоа си.

Затоа пријателе или пријателке, насмевни се.

Насмевни се и стани.

Насмевни се и погледни и во очи на бурата која се подготвува пред твоите очи и кажи ја на глас единствената и непроменлива вистина на универзумот:

И ова ќе помине.