Пијани, агресивни и патници кои не сакаат да платат - колку е тешко да бидеш таксист во Скопје?

Да се биде такси возач во Скопје веројатно не е воопшто лесна и најпосакувана професија, а тоа го потврдија и нашите соговорници. Пијани патници, патници кои не сакаат да платат и се агресивни, патници кои викат такси но не се појавуваат, се само дел од карактеристиките на некои од патниците кои не би ги посакал ниту еден такси возач.

Како што велат нашите соговорници, за време на викендот имаат најмногу проблеми со патниците кои во најголем дел се во алкохолизирана состојба и е однесуваат несоодветно во возилото.

-Најчесто проблеми со патниците имаме во текот на викендот, а проблемите се јавуваат заради големото количество алкохол во нив. Повеќе пати се има случено да не сакаат да платат за превозот или пак ни даваат многу помалку пари од потребното и се расправаат со нас. Најголем проблем се пијание момчиња и девојчиња кои повраќаат во возилото. Тука можам да кажам дека предничат девојките, веројатно бидејќи послабо го прифаќаат алкохолот, вели такси возачот Атанас.

Тој во продолжение објаснува дека откако ќе се случи во текот на возењето да повратат во возилото, не добиваат никаков надоместок и покрај тоа што печалењето таа вечер е завршено за нив како и наредниот ден бидејќи возилото мораат да го носат на хемиско перење.

-Со овој проблем се соочуваме сите возачи и често разговараме на оваа тема за да се обидеме да најдеме решение кое за жал го нема. Се обидуваме да ги препознаеме патниците со големо количество алкохол, но верувајте тоа не е воопшто лесно бидејќи многу често изгледаат како да е се во ред, а откако ќе влезат во возилото се случуваат непријатни сцени. Откако ќе се случи да ми повратат во возилото, работењето и печалењето за таа вечер завршуваат во тој момент. Секако тука е и наредниот ден, бидејќи возилото морам да го однесам на хемиско перење, да платам неколку илјади денари и тој ден останувам без дневница и работа бидејќи потребно е да се исушат седиштата и се тоа оди на мој трошок. Сметам дека е потребно да се најде соодветен начин и ние возачите да бидеме заштитени и да ни биде платен надоместок за направената штета, потенцираше Атанас.

Дека такси возачите се соочуваат со секакви несекојдневни ситуации посочи и возачот Миле кој во своето повеќе годишно искуство има прилика да биде присутен на се најразлични ситуации, а како што посочува нивните животи се  секојдневно изложени на опасност.

-Верувајте дека тоа што имаме можност да го видиме во текот на ноќта е малку за да се опише во една книга. Повеќе од 10 години сум такси возач, сум бил и ограбен, ми бегале патници да не ми платат, безброј пати ми повратила во возилото, се обидувале да имаат секс на задните седишта, а на крај се тоа треба да го контролирам јас и да наоѓам начини да не се случуваат овие работи кои ви ги набројав. Воопшто не сме заштитени и нашите животи се поастојано во опасност бидејќи не знаеме каков ќе биде нашиот следен патник, истакна Миле.