Пијан возач удрил во трактор кај Радовиш среде ноќ – три жени се повредени

Две жени се здобиле со тешки телесни повреди, а една со полесни повреди во сообраќајна несреќа што ноќеска се случила на општинскиот пат меѓу селата Калуѓерица и Подареш, во радовишко.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена на 29 јули околу 2:40 часот, а во неа учествувале патничко возило „фолксваген голф“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од 51-годишниот М.Т. од село Ораовица, и трактор со приколка, управуван од 56-годишниот Г.М. од село Подареш.

Во судирот тешко биле повредени сопатничките во тракторот, Ф.И. (39) и А.И. (41), двете од Радовиш, додека Ѓ.И. (70) од Радовиш се здобила со телесни повреди. Повредите биле констатирани во Клиничката болница во Штип.

Увид на местото на несреќата извршила екипа од ОВР Радовиш. При увидот било утврдено дека возачот на патничкото возило управувал под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,17 промили алкохол во крвта.

По целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.