Петров: „Не смееме да чекаме катаклизма за да дојде до промена во СДСМ“

Професорот и поранешен функционер на СДСМ, д-р Андреј Петров, смета дека партијата се соочува со сериозен пад на поддршката и дека промените треба да се отворат навреме, без да се чека нов изборен пораз.

 

Гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Петров зборуваше за иницијативата во која учествува и порача дека целта не е да се чека СДСМ повторно да загуби, туку навреме да се отвори прашањето за иднината на партијата.

„Ние не сакаме да бидеме, можеби е груб терминот, во ситуација во која некој би рекол како мршојадци чекате сега да изгуби уште еднаш“, рече Петров.

Тој се повика на актуелните анкети и последните локални избори, оценувајќи дека поддршката за СДСМ е значително намалена во однос на претходните изборни циклуси. „На сите анкети сега сме на 8%, 7,5%, некаде околу сто илјади гласа. Во моментот е толку“, рече Петров.

Според него, токму овие бројки треба да бидат сигнал за промени, наместо да се чека состојбата дополнително да се влоши. „Колку побрзо дојде до промена, шансите се побрзо да закрепне“, порача тој.

Петров смета дека промената на раководниот пристап треба да биде проследена со пошироко обединување на опозицијата. Како што рече, потребно е ново раководство да разговара со различни политички и општествени групи и да се бара модел за создавање алтернативна политичка понуда.

Во однос на актуелната власт, Петров ја опиша како десно ориентирана и порача дека опозицијата не треба да го презема политичкиот дискурс на десницата, туку да понуди сопствени политики. „Ние треба да промовираме различни политики, не да влегуваме во нивната вода, во нивниот одвир, затоа што таму може само да се удави опозицијата“, рече тој.

Петров се осврна и на начинот на кој се води внатрепартиската дебата, критикувајќи го, како што оцени, навредливиот речник кон членови и поранешни функционери кои ја критикуваат актуелната политика на СДСМ.

Како пример го посочи зборот „шизофреници“, за кој рече дека бил употребен за луѓе кои со години носеле одговорност во партијата.

„За луѓе кои носеле товар во СДСМ 20 години да употребиш таков термин“, рече Петров, оценувајќи дека ваквиот речник дополнително ја нарушува позицијата на партијата.

Тој нагласи дека критиките не треба да бидат насочени кон самото постоење на иницијативата и фактот дека група луѓе разговараат за иднината на СДСМ. „Тоа е вокабулар кој дополнително го руинира СДСМ. Не го руинира тоа што се собра една група на луѓе да дискутира, да разговара како да одиме подобро“, рече Петров.

Петров додаде дека на првата дебата на иницијативата, според неговите тврдења, не бил посочен конкретен човек, туку разговорот бил насочен кон пошироките политички и општествени прашања. Реакциите, според него, се засилиле откако иницијативата почнала да привлекува поголемо внимание во јавноста.