
Веќе одреден период како во јавноста се говори за ново линеарно зголемување на пензиите. Сепак, реализирањето на една ваква „мерка“ не е лесно, особено не доколку адекватно не бидат анализирани ефектите врз клучните аспекти од економијата.
Токму тука се поставува и вистинското прашање, дали Владата може да ја спроведе оваа мерка, без притоа тоа да има посериозни импликации врз државниот буџет?
Во насока да ја мапираме состојбата на моменталната подготвеност на државната економија за спроведување на еден ваков потфат, мислење побаравме и од економски експерти. Во интервју за Скопје Инфо, извршната директорка и главен економист на Finance Think, д-р Благица Петрески вели дека уште при даденото политички ветување од 2024 година за пораст на пензиите од 5000 денари месечно на секој пензионер, пресметале дека тоа е отприлика 200 милиони евра годишно повеќе од законското усогласување на пензиите.
Во продолжение интервјуто со извршната директорка на Finance Think, Благица Петрески.
Дали новото процентуално зголемување на пензиите може да предизвика зголемување на буџетскиот дефицит?
Уште при даденото политички ветување од 2024 година за пораст на пензиите од 5000 денари месечно на секој пензионер, пресметавме дека тоа е отприлика 200 милиони евра годишно повеќе од законското усогласување на пензиите. Со ребалансот на Буџетот, вкупниот трошок за пензиите за 2025 година во однос на претходната година е повисок за 287 милиони евра, што е во линија со нашите пресметки. Нашето очекување е дека ребалансот веќе инкорпорира полугодишно усогласување на пензиите во септември 2025 година, според формулата во законот која предвидува усогласување со растот на цените и растот на платите, па оттука не очекуваме дека ако се следи формулата за законско усогласување ќе се влијае на буџетскиот дефицит. Сепак, тука треба да се укаже дека растот од 5000 денари е околу 60% над растот кој ќе се случеше доколку се следеше формулата за усогласување, и според тоа идните усогласувања треба да се преиспираат во поглед на фискалниот товар кој тие го носат.
Ова е важно и од т.н. дистрибутивна перспектива, кога во услови на сеуште значајно растечки цени во земјава, идеално сите категории граѓани треба да бидат подеднакво заштитени во однос на нивната куповна моќ. Во таа насока, скоро-објавените податоци за стапките на сиромаштија за 2022 година покажуваат стапка на сиромаштија кај пензионерите од 9.9%, додека на пример кај децата од 32.2%, што е фрапантна разлика.
Пензискиот фонд се соочува со дефицити. Како оваа мерка се вклопува во неговата долгорочна одржливост, а исто така, и како оваа мерка би се одразила врз јавниот долг, имајќи ја предвид моменталната состојба на државните финансии?
Дефицитот во ФПИОСМ е структурен. Во еден сегмент тој произлегува од т.н. транзициски трошоци, односно од реформата од едностолбен кон тростолбен систем која започна пред 20-тина година, и такви транзициски трошоци ќе постојат се додека постојат и пензионери кои се финансираат само од првиот столб. Меѓутоа, тие транзициски трошоци се само 30% од дефицитот на ФПИОСМ.
Другиот дел од дефицитот беше создаден со серијата ад хок зголемувања на пензиите, кои особено се интензивираа во периодот по 2010 година, и беа одлика на сите влади. Сите влади јасно го гледаа бенефитот од политичката економија сврзана со пензионерите, чија бројност е голема, над 330.000, што е значаен сегмент од гласачкото тело. Со блага реформа во 2019 година, која вклучуваше мало зголемување на стапките на пензиски придонес и интервенции кај заменските стапки, се прекрши линијата на влошување на дефицитот кај ФПИОМ, и тој се сведе на нешто над 30% од вкупниот трошок за пензии, а претходно достигна и скоро 50%, што имплицираше дека половина од трошокот за пензиите се финансира од општото оданочување, а не од придонесите за пензии кои ги уплаќа тековната генерација вработени. Со последното големо зголемување на пензиите, таа траекторија на постепена консолидација на ФПИОСМ е повторно нарушена, и останува да следиме како тоа ќе се развива понатаму.
Дали може да се очекува намалување на фискалниот простор за други критични сектори (здравство, образование, капитални инвестиции)?
Вредно е прашањето дали иднината на ФПИОСМ е загрозена. Одговорот е дека, се’ додека постои централниот буџет кој прави ‘дотур’ во ФПИОСМ, иднината на пензиите не е загрозена. Значи, прашањето никогаш не е дали има доволно пари за пензии, туку која е цената на секое значајно зголемување на пензиите. Секако, цената е користење на фискалниот простор којшто инаку можел да се искористи за некоја друга цел која веројатно има поголема долгорочна корисност. Погоре ги спомнав децата, на пример, секое алоцирање значајни средства за пензии значи дека имаме помалку пари за инвестиции во градинки, а покриеноста на деца со претшколска грижа во Македонија е едвај 40%, со значајни нееднаквости во пристапот кон детска грижа кај одредени под-сегменти, како што се домаќинствата со три и повеќе издржувани деца, или кај децата Роми. Алтернативно гледано, секој голем трошок во буџетот значи и притисок врз дефицитот и врз јавниот долг, што пак имплицира дека она што го имаме како бенефит денес, го префрламе како товар на идните генерации.
Постои ли ризик да влеземе во т.н. „инфлаторна спирала“ – каде цените растат, па се покачуваат примањата, па пак растат цените?
Во моментов ние се наоѓаме во ситуација која инфлацијата значајно се смири, но се уште не доволно, односно за првата половина од годинава, порастот е 3.8%. Тоа е се уште значајно повисоко од она што во емпириската литература и практиката се смета за стабилни цени, а тоа е инфлација која на годишно ниво се движи околу 2%. Но, мора да се држиме до фактите и да погледнеме дека во овој период реалниот доход, односно оној доход кога ќе го одземеме влијанието на инфлацијата, исто така растел. Кај платите, реалниот раст изнесува 6-7%, а во претходниот период и над 10%, потоа погоре го спомнавме големиот раст на пензиите; имаме реални порасти и кај другите компоненти на доходот како што се на пример дознаките. Значи, генерално, не само што животниот стандард е заштитен низ оваа криза со цените, туку реалните доходи креираат и соодветна побарувачка. Да го илустрирам тоа преку некои показатели. Во првиот квартал годинава, финалната потрошувачка на домаќинствата растела за 2.1%, и тоа е над просекот од 2024, кога изнесуваше 1.2%, значи скоро двојно помалку. Во првите 5 месеци од 2025, прометот во трговијата на мало се зголемил за 0.6%, во 2024 за 2.2%, а во 2023 имаше пад од 1%. Потоа, има благо забрзување на стапките на раст кај кредитите дадени на домаќинствата и, поконкретно, кај потрошувачките кредити на населението: во првите пет месеца годинава просечен месечен раст од 0.7% за разлика од претходните две години кога тој раст бил посмирен. Значи, редица индикатори укажуваат река растот на реалниот доход постепено се претвара во побарувачка која сега објаснува значаен дел од порастот на цените во последниот период, особено ако се има предвид дека растот кај цените во сегментите кои не се храна и енергија, сега е повисок од вкупната инфлација. Таков еден круг, доколку се интензивира, крие многу опасности и повикува на акција и од монетарната и особено од фискалната страна.
Дали оваа мерка е економски разумна на среден и долг рок, имајќи ги в предвид демографските трендови во Македонија?
Зголемувањето на пензиите е важно за да го зачува животниот стандард на пензионерите. Во тој поглед никој не треба да има дилема. Но, секако дека секоја мерка мора да се стави во контекст на демографиските трендови. Тие укажуваат на стареење на населението, поттикнати од две главни тенденции, првата е намалувањето на наталитетот, а втората е емиграцијата, во чија структура е позастапено помладо и поработоспособно население. Тоа имплицира дека во перспектива, со сегашната структура на заменски стапки и старосна граница за пензионирање, притисокот врз тековната генерација вработени за генерирање средства за тековната генерација пензионери би се зголемил. Секако, во еден момент кај пензискиот фонд ќе исчезнат транзициските трошоци, тогаш кога сите тековни пензионери ќе се од тростолбниот систем, но до таа точка имаме се уште време. Значи, тоа би влијаело спротивно, врз намалување на притисокот што го споменав погоре. Според мое мислење, проблемот е што ние како држава, како општество, многу малку размислуваме структурно и долгорочно.
Какво влијание имаат ваквите мерки врз младата работна сила и нивната перцепција за иднината на пензискиот систем?
Овие мерки, особено кога се спроведуваат без јасна врска со тековната уплата на придонеси или со долгорочната одржливост на системот, може да испратат сигнал до младата работна сила дека пензискиот систем функционира повеќе како систем на тековни политички одлуки, отколку како систем базиран на правила и предвидливост. Ако младите гледаат дека пензиите растат независно од економската логика или од нивниот придонес, може да се создаде чувство на неправичност и недоверба во иднината на системот — дека тие еден ден нема да добијат она што го вложиле. Тоа може да ги обесхрабри да работат формално, да плаќаат придонеси или дури да останат во земјата. Ваквите ефекти не се веднаш видливи, но на долг рок имаат сериозни последици и за финансиската стабилност на системот, и за социјалниот договор меѓу генерациите. Затоа, за секоја пензиска мерка треба да се размислува не само што значи за денешните пензионери, туку и каква порака испраќа до утрешните.