Петре Арсовски е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за 2026 година

Актерот Петре Арсовски е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за 2026 година.

Фото: Д. Неделчевски

Наградата, која ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија за исклучителен придонес кон македонскиот филм, Арсовски ќе ја прими на свеченото отворање на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, на 19 септември во Битола.

Неговата филмска приказна започнува во 1971 година со „Македонскиот дел од пеколот“ на Ватрослав Мимица. Следуваат значајни остварувања во „Истрел“, „Јад“, „Најдолгиот пат“, „Пресуда“ и „Време, води“, а потоа и филмови што станаа дел од македонската филмска меморија – „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Џипси меџик“, „Збогум на 20-тиот век“, „Големата вода“, „Бал-кан-кан“, „Караула“, „Трето полувреме“, „До балчак“, „Ослободување на Скопје“, „Златна петорка“ и „Лена и Владимир“. Го паметиме и по „Бушава азбука“. 

Со своите улоги Арсовски остави белег во повеќе генерации македонски филмски приказни и претстави, но и во продукции од регионот и пошироко.

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ е воспоставена во 2013 година. Пред Арсовски, признанието им е доделено на некои од најзначајните имиња на македонската кинематографија, меѓу кои Кирил Ценевски, Милчо Манчевски, Милица Стојанова, Љупчо Константинов, Столе Попов, Лабина Митевска и други.