Петнаесетто издание Моден викенд Скопје

Под мотото „Pure Individuality“, Моден викенд Скопје на своето петнаесетто јубилејно издание, кое ќе се одржи од 31 март до 2 април, во салонот на „Порше Македонија“, ќе ја слави вистинската женска убавина и посебноста што секоја жена ја носи.

Заштитните лица на пролетното издание се моделите Симона Ангеловска, поранешната српска мис Ања Шарановиќ и Викторија Ристовска од модната агенција „Подиум“.

Подготовките за сезоната пролет/лето 2017 започнаа со фотосесијата што се одржа викендов на терените на коњичкиот клуб „Дона“ во Радишани, пред објективот на познатата модна блогерка Јована Зука, која по третпат го осмисли и концепт-дизајнот за визуелниот имиџ на сезоната.

„Преку профилите на три дистинктивни девојки ја славиме соголената, чиста убавина и го истакнуваме моментот пред трансформацијата за пистата и пред облекувањето во автентичниот македонски дизајн, кој веќе 15 сезони се пласира на Моден викенд Скопје“, велат организаторите.

Фотографиите од бекстејџот ги потпишува Марина Трајковска.