Петмина уапсени поради предизвикување на два пожари во Центар и Бутел

Во два одделни случаи во Скопје, полицијата привела пет лица поради сомнение дека предизвикале пожари.

Како што информираат од МВР, вчера во 13:15 часот, во близина на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Центар, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Б.П. (63) од Битола. Тој бил забележан околу 13:00 часот на улицата „Максим Горки“ како подметнува пожар на подземни контејнери. По преземените мерки, лицето било пронајдено и лишено од слобода.

Во вториот случај, ноќеска во 00:10 часот на подрачјето на Бутел, полициски службеници од СВР Скопје ги привеле Б.И. (24), Џ.Љ. (26) и Р.Б. (21) од село Света Петка, скопско, како и А.Џ. (20) од село Сарај, скопско. Тие се сомничат дека запалиле огномет на нива, по што избувнал пожар при кој изгорела сува трева на површина од околу 1.000 квадратни метри.

Пожарите биле изгаснати од екипи на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите ќе следува соодветен поднесок.