
Петмина јавни обвинители досега поднеле кандидатури на огласот за избор на основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), потврди за МИА претседателот на Советот на јавните обвинители, Башким Бесими.
Според информациите со кои располага МИА, за функцијата се кандидирани вишиот јавен обвинител Јове Цветановски, поранешниот обвинител во СЈО, а сега обвинител во Вишото јавно обвинителство, Трајче Пеливанов, обвинителката од ОЈО Скопје Лидија Раичевиќ, како и обвинителите од ОЈО ГОКК Искра Хаџи-Василева и Фатон Азизи.
На прашање на МИА дали ова е конечната листа на кандидати, Бесими изјави дека засега се пријавени овие петмина обвинители.
– Сега за сега се тие, после празникот ќе биде официјално – изјавил Башким Бесими за МИА.
Советот на јавните обвинители за в петок има закажано седница на која, меѓу другото, треба да бидат формирани комисии поврзани со постапката за избор на нов шеф на ОЈО ГОКК.
Изборот на основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК ќе се спроведе на 28 октомври 2026 година, во периодот од 8 до 16 часот.
Право на кандидатура имаат јавни обвинители со најмалку шест години непрекинат стаж како јавен обвинител до моментот на пријавувањето и со позитивна оценка во последните три години.
Изборот на нов шеф на ОЈО ГОКК следува по истекот на мандатот на актуелниот раководител Ислам Абази, кој функцијата ја извршува од октомври 2022 година.