Петличковски во „Топ тема“: Мал број на граѓани се вакцинираат против сезонски грип, мал број на граѓани со симптоми се тестираат

Вакцинацијата за сезонски грип ја почнавме малку порано, пред стартот на сезоната, вакцините беа достапни и оние луѓе кои веруваат во вакцините, за жал, тоа е мал процент од населението, ја искористија шансата, истакна професор доктор, Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести во гостување на ТВ Телма. 

„Над 57.000 граѓани се вакцинирани во овој момент. Во првиот бран имавме обезбедено 60.000 вакцини, што значи дека се останати неколку илјади вакцини. Но, нема проблем за дообезбедување на некои количини доколку биле потребно, бидејќи вакцинацијата за грип е најдобро да се заврши пред сезоната за грип, иако може да се тера цела година“, посочи доктор Петличковски.

Тој истакна дека вакцинацијата против грип е најдобрата превентивна мерка и потенцира дека оние неколку случаи кои смртно завршија, биле невакцинирани лица.

„Вакцинираните многу ретко имаат тежок тек на болеста. Вакцината против грип, секако, функционира. Таа е мешавина на двата соја кои најчесто циркулираат секоја нова сезона и би требало да обезбеди олеснување или комплетна заптита од инфекција и за едниот и за другиот сој“, нагласи Петличковски.

Мал е одзивот и за тестирање на граѓаните со симптоми, вели Петличковски.

„Две илјади тестови неделно се премалку. Сигурно дека се прават многу повеќе тестови и дека многу повеќе позитивни случаи на ковид-19. Бројката е мала и не одговара на реалноста. Би било добро да се тестираат сите, да се тестираат во јавното здравство за да не бидат оптоварени со плаќање и да може да се диференцира, бидејќи тоа е единствен начин да се разликува дали една инфекција се должи на ковид или на грип“, изјави првиот човек на Комисијата за заразни болести.