Петиција „Стоп за паркирање на тротоари“ во Скопје

Со паркирање на тротоар се загрозува безбедноста на пешаците, пред сè, на најранливите групи како ученици, лица со посебни потреби, мајки со деца во количка, велосипедисти и повозрасни граѓани, се вели во петицијата „Стоп за паркирање на тротоари" на иницијативата Мегафон.

Оваа петиција досега ја потпишаа над 860 граѓани. Иницијативата ги повикува МВР и општинските власти да излезат од канцелариите и да се справат со овој проблем.

„Ослободете ги тротоарите за пешаците!", стои во петицијата.

Во главниот град сообраќајот е втор најголем причинител за загадувањето (20%), пред загревањето од домаќинствата (32%, според неодамнешно истражувањето во склоп на Планот за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух за Скопскиот регион).

Но, иако скопјани учат да дишат на жабри, а Скопје секоја година сè повеќе ги руши рекордите во загаденост, сепак, еколошкиот и одржлив транспорт бавно се качува скала погоре кон врвот на приоритетите. Освен 400-500 автобуси, кои треба да опслужуваат околу 140-150.000 граѓани дневно, Скопје нема друга јавна транспортна алтернатива. Со проширени улици и неуредена пешачка и велосипедска структура, градот опстојува како монопол за моторизираните возила.

Скопје функционира како еден огромен паркинг што се шири, го „јаде" и окупира слободниот јавен простор и тротоарите. Се проценува дека градот примарно е проектиран за 250-300.000 луѓе, а сега има околу 600-700.000 жители со свои потреби за движење и транспорт. По донесувањето на мерките за увоз на половни автомобили во 2010 година, пристигнаа 50.000, а во 2009 само 3.000 стари возила. Неофицијално, бројките на регистрирани автомобили во државата се 400.000. Една третина се во Скопје.