„Петар Пан“ - детска балетска претстава вечерва премиерно во НОБ

Во Националната опера и балет (НОБ) вечерва премиерно ќе биде изведена детската балетска претстава „Петар Пан“. Претставата ќе биде изведена од децата од балетското студио „Арт Балетот“ во Скопје, заедно со Веселин Трајковски и Ницолас Алехандре Хоурсеау, а оригиналноста е во сонговите кои ги пее Ѕвончица во сцените.

Главното мото на претставата е „Од деца за деца“ и таа зборува за вредноста на љубовта.

-Станува збор за омилениот лик и роман на Џејмс Метју Бари, таткото на вечните деца и на сите оние што не сакаат да пораснат. Петар Пан е синоним за палавоста, волшепство и семожност, за магичен прав со кој летаат малечките херои и светот, едноставно станува волшебен. Ова е претстава за сите убавини на земјата Недојдија, за имагинација оплеменета со многу добра музика, игра и разноразни чудесии што ќе ги анимираат децата во претставите, најавија организаторите.

Сценариото и сонговите ги потпишува Ристо Самарџиев, визуелната магија е доловена преку костимите на Елена Вангеловска и сценографијата на Љупчо Јованов. Музиката ја потпишува Владимир Дојчиновски -Дојчин, режијата е на Ирена Лозинска а продукцијата на М- Соунд.

Најавени се две изведби на претставата, во 17.30 и во 20.00 часот.