Седите ли токму сега покрај море, река или езеро? Ако не, откако ќе го прочитате овој текст, затворете ги очите, вдишете длабоко и замислете си дека сте покрај вода...
Веројатно веќе се чувствувате многу помирно од пред неколку минути. Тоа е затоа што, според научните истражувања, престојот во близина на вода и едноставно самото огледување во вода му помагаат на нашето ментално здравје на безброј начини и може да биде клуч за постојана среќа.
Покрај тоа, научникот Валас Џ. Николс направил кованица, нов термин „син ум“ (blue mind). Според неговите зборови, со изразот „син ум“ се опишува блага медитативна состојба во која паѓаме кога сме во близина, во, на или под вода.
Еве зошто е тоа така.
Водата ја доживуваме со сите свои сетила
Водата делува на сите пет сетила истовремено, давајќи ни фасцинантно искуство. Замислете дека пливате во мирен залив. Водата е ладна на вашата кожа, тече и се бранува додека се движите. Во воздухот се чувствува солениот мирис на морето кој можете да го почувствувате додека го вдишувате. Можеби можете да ја намирисате и морската трева. Погледот ви е преплавен со зеленило и со синило, а сончевата светлина се разиграла по површината на водата. Не можеме да замислиме поопуштено место.
Сината боја има терапевтска моќ
Ако гледате во море или во езеро во кое се отсликува небото, неговите сини и светлосини бранови делуваат со својата магија на нас. Познато е дека сината боја има смирувачко, релаксирачко, но и енергетско влијание на нашите умови и тело поради својата специфична бранова должина. Уште една причина зошто нас сината боја така нѐ смирува е, според некои научници, тоа што сме еволуирале на планета на која преовладува сината боја на океаните во однос на копното.
Престојот во вода ги става во рамнотежа нашите хормони
Дали некогаш сте се запрашале зошто пливањето или гњурењето под вода прави да се чувствувате толку опуштено – зен? Сѐ се сведува на намалување на хормонот катехоламин, одговорен за нашата реакција „бори се или бегај“. Катехоламинот го произведуваат надбубрежните жлезди кога сте физички или емоционално под стрес, зголемувајќи го вашиот крвен притисок, отчукувањата на срцето и брзината на дишење.
Кога сте загњурени под вода, вашето тело испраќа сигнали за промена на рамнотежата на катехоламинот, ниво кое е слично со рамнотежата која се воспоставува кога медитирате или кога се опуштате. Значи, кога пливате, вие всушност медитирате во вода.
Имаме вродена поврзаност со природата
За време на еволуцијата сме поминале многу повеќе милиони години живеејќи во отворени савани и на празни плажи, отколку во нашите денешни бетонски џунгли. Затоа, има смисла, кога ќе се најдеме во тоа природно опкружување, да се чувствуваме опуштено. Во 1984 година, биологот Едвард О. Вилсон го сковал изразот „биофилија“ со цел да ја опише својата теорија дека луѓето имаат инстинктивна врска со природата вкоренета во нашите гени.
Движењето на водата создава смирувачки розеникав шум
Без разлика дали станува збор за морските бранови или дури вештачки настанати бранови на базен или само жуборот на реката, звуците кои ги слушате се вбројуваат во категоријата таканаречени розеникави звуци (шум). Сличен на неа е познатиот бел шум, но понежен, посмирен, смирувачки; тоа е непрекинат, неопислив звук кој подеднакво ги комбинира сите звучни фрекфенции кои човечкото уво може да ги слушне и дури може да помогне и за подобар сон.