Пет опасности по здравјето доколку спиете помалку од 5 часа дневно

Со цел Вашиот организам да функционира правилно, потребно е да му овозможите доволна количина на сон. Во текот на спиењето, нашето тело се регенерира и опоравува, а недоволниот сон може да доведе до многу здравствени проблеми.

Дознајте што се случува со Вашето тело доколку спиете по 5 часа или помалку.

Прекумерна тежина

Лицата кои спијат нередовно или пак премногу кратко, се склони кон дебелеење. Причината за тоа се наоѓа во фактот што мозокот, кој не е доволно одморен, му испраќа сигнали на организмот да собере што повеќе енергија за нормално функционирање.

Таа енергија всушност е храната, па затоа кога сме хронично уморни, чувството на глад е константно присутно. Исто така, докажано е дека доколку сте спиеле недоволно, следниот ден во организмот ќе внесете околу 330 калории повеќе.

Опасност од дијабетес

Нашиот организам е машина која треба редовно да се одржува. Доколку спиете нередовно и прекратко, во телото почнуваат да се развиваат бројни промени. Една од нив е и пореметената дигестија.

Исцрпениот организам не може правилно да ја регулира количината на шеќер во крвта, поради што постои опасност од појава на дијабетес тип 2.

Висок крвен притисок

Телото, во текот на сонот се ресетира и ја враќа својата загубена енергија, за што му се потребни 6 до 8 часа. Лицата кои спијат 5 часа или пократко, многу брзо ќе ги забележат промените. Една од нив е и зголемениот крвен притисок, кој со текот на времето може да доведе и до срцеви заболувања.

Пад на имунитетот

Со цел да биде отпорен на надворешните влијанија, на организмот му е потребна нега и доволно “оружје” во борбата против вирусите и бактериите, кои се наоѓаат насекаде околу нас, но и во нашето тело.

Доколку спиете по 5 часа дневно или помалку од тоа, постои поголема опасност да заболите од инфекција или од вироза.

Ментално пореметување

Дали сте забележале дека после лошо проспиена ноќ или недоволен сон најчесто сте мрзеливи и нерасположени? Честото губење на сонот дополнително ги зајакнува ваквите симптоми.

Доколку веќе сте стекнале навика да спиете по 5 часа на ден или пократко, таквото однесување може да доведе до појава на депресија, како и до други бројни ментални нарушувања.