Пет нови дестинации преку македонските аеродроми ова лето

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, соопшти дека ова лето ќе бидат отворени пет нови дестинации, оценувајќи дека земјава бележи раст во авио-сообраќајот и покрај кризата со која се соочува глобалната авиоиндустрија.

Според него, државата останува подготвена за соработка со сите авиокомпании, но нема да прифати услови што би биле на штета на останатите превозници и на државните интереси.

„Даваме субвенција од 9 евра за секој странски патник на скопскиот аеродром и 12 евра за охридскиот. Ако сакаат да учествуваат, вратата е отворена. Но, не можеме да прифатиме уцени и барања за повисоки субвенции само за една компанија“, истакна Николоски.

Тој најави дека Austrian Airlines ќе воспостави директна линија Виена–Охрид, а во јуни ќе започнат и летови од Краков и Вроцлав кон Охрид. Дополнително, од скопскиот аеродром ќе се воведат две нови летни дестинации – Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија.

Николоски посочи дека Македонија е единствената земја во регионот што отвора нови авиолинии во период кога светската авиоиндустрија се соочува со сериозни предизвици.

Министерот информираше и дека Wizz Air ќе стационира седми авион на скопскиот аеродром, а компанијата разгледува можност и за воспоставување база на охридскиот аеродром.