Пет колеги кои сигурно ќе ги сретнете во канцеларија

Во секоја фирма ги има, без оглед на тоа што правите. Сте промениле неколку работни места и се чини дека луѓето постојано се водат по истите шаблони и како да постои некаков однапред подготвен кастинг за секое работно место.

Ова се петте најчести типови луѓе кои сигурно ви се мотаат во канцеларија:

Сезнајковци

Без оглед на тоа која тема е во прашање, овој колега (или колешка, полот е неважен) е вистинска енциклопедија во движење. Постојано кажуваат некакви факти кои и не делуваат баш целосно точно, но го кажуваат тоа со таква самодоверба, што секогаш си велите дека сигурно знае што зборува. Нема врска што воопшто не се вклучени во муабетот, затоа што бидете убедени дека ќе најдат начин како да се уфрлат во него. Во текот на состанокот секогаш имаат навика дополнително да го одолговлекуваат процесот, затоа што мораат да ја искоментираат секоја ситница.

Канцелариската „Радио Милева“

Ниту една канцеларија не е имуна на озборување, но овој тип на колеги едноставно мислат дека нивна должност е да знаат сѐ што се случува во фирмата. Можете да се обложите дека знаат кој со кого е во врска, што им се случува на сите во приватниот живот и кога некој ќе добие отказ (дури и пред отпуштениот да го дознае тоа). Ако некогаш посакате да дознаете нешто или ако сакате да пуштите некој муабет во оптег, само отидете кај нив, тие сѐ ќе средат.

Во здраво тело, здрав дух!

Тие лабаво си зборуваат за трката од 20 километри на која трчале за време на викендот и неретко се случува за време на паузата да скокнат до теретана за полесно да се борат со стресот. Често можете да ги видите во тренерки и патики. Второто најчесто место каде што можете да ги видите е кујната, а таму мешаат туна и зелена салата и делат совети за здрава исхрана на секој кој сака (а и на оние кои не сакаат) да чуе. Овие колеги секогаш со себе носат витамини кои добро ќе ви дојдат ако почувствувате некакви симптоми на настинка.

Хаос во Лаос

Нивното биро е еден неверојатен и вечен хаос, биро на кое секогаш има 5 шолји кафе и чинии со трошки, а нивниот десктоп на компјутерот е нешто коешто никој не може да го разбере, а не па да пронајде нешто. Ги забораваат термините за состаноци и покрај 100 аларми и потсетници. Но, иако овие  луѓе најчесто ептен одат на нерви со својот хаос, сепак не можете да не им простите и да не ги сакате, затоа што најчесто се навистина прекрасни луѓе (покрај хаосот се разбира).

„Да, шефе!“ тип на луѓе

Овие луѓе на почеток секогаш се претставуваат како ваши пријатели, но би ве жртвувале уште при првата прилика ако тоа им одговара. И секако, шефот е секогаш во право и за овие луѓе нема лош момент за додворување на директорот или директорката.