Пет едноставни трикови за подобро управување со времето

Живееме во хаотично време, и постојано сакаме да најдеме начин за подобро да го организираме времето. Но, полесно е да се каже, отколку да се направи. Но, за среќа, постојат едноставни трикови кои можат да ви помогнат подобро да си го организирате денот и времето. 

Користете календар

Без оглед дали е дигитален, ѕиден или календар за на маса, календарот ќе ви помогне да ги планирате идните обврски, затоа што само еден поглед на него ќе ви каже дали сте слободни или зафатени во следниот период. Задолжително запишувајте ги важните датуми во календарот и запишувајте ги релевантните информации покрај нив. 

Состаноците и договорите нека ви бидат кратки

Оние кои работат во канцеларија знаат колку состаноците знаат да исцрпуваат. Ако вие сте задолжени за нивно организирање, обидете се да ги направите што пократки. Одредете ги целите на договарањето со колегите и не дозволувајте дискусијата да тргне по друг, помалку релевантен пат. 

Правете листи

Тоа можат да бидат листи со дневни, неделни или месечни цели, но и листа со чекори кои треба да ги направите за да ги исполните. Со нивна помош полесно ќе се фокусирате на обврските и ќе го исфрлите она што е неважно, а така и помалку ќе губите време. 

Олеснете си ги чекорите

Олеснете си го извршувањето на обврските такашто ќе ги елиминирате сите непотребни чекори во работата. На пример, не морате на сите пораки да им придавате подеднаква важност и да пишувате исцрпни одговори на нив. Можете да си направите и шаблонски мејлови за некои конкретни ситуации и да ги користите, наместо постојано да ги пишувате истите пораки. 

Пишувајте белешки

Присетување на важни детали од состаноците или разговорите одзема многу време, па затоа секогаш имајте роковник за да можете во него да ги запишете сите важни работи. За таа цел можете да го користите и лап-топот или мобилниот. Пожелно е и да ги запишувате и вашите идеи, за да не ги заборавите и нив.