Пестицидите во овошјето и зеленчукот во Македонија се во границите на максимално дозволените

Агенцијата за храна и ветеринарство е коректив во делот на пестицидите во домашното производство и врши контроли во складовите, во супермаркетите, во малопродажните ланци или на пазарите. Досега контролите покажале дека сите резултати се во границите на максимално дозволените концентрации на резидуи од пестициди.

Во делот на увозот се она што влегува во Македонија, секоја пратка од овошје и зеленчук се контролира, односно кај зеленчукот се контролира секоја пратка, а кај овошјето секоја втора пратка, бидејќи овошјето, особено цитрусното поради дебелата кора е поотпорно на пестициди.


Во интерес на заштита на здравјето на потрошувачите, покрај засилените инспекциски контроли, зголемен е и бројот на мостри за лабораториско испитување на безбедноста на овошјето и зеленчукот кои се увезуваат во Македонија.

Зголемениот број пратки кои се увезуваат во земјава нужно бара и повеќе време за вршење на инспекциските контроли и за земање мостри за лабораториско испитување на овошјето и на зеленчукот. Секоја пратка, вклучително и овошјето и зеленчукот, по добивањето на уреден резултат од лабораториското испитување со кое се потврдува безбедноста, без никаков застој веднаш се пласира на пазарот во Македонија.

Сепак, за да се избегнат последици по здравјето на луѓето, земјоделските производители мора строго да се придржуваат до упатството за употреба и етикетата на производот и хемикалијата да ја користат само за оние болести и штетници за кои е регистрирана.

Исто така, при употреба на пестициди клучна е добрата земјоделска практика, која бара производителите да го почитуваат периодот од последното прскање до моментот на пласман на овошјето и зеленчукот кој трае од 2 до 50 дена и во кој пестицидите се разградуваат до концентрации кои не се опасни за здравјето.

Употребата на пестицидите во согласност со утврдената каренца, односно временскиот период што треба да помине од последното прскање до бербата на земјоделските производи и почитување на препорачаната доза и концентрација при подготовка на растворите се меѓу клучните фактори за избегнување на штетните влијанија на пестицидите, објаснуваат во Министерството за земјоделство.