Песна што обединува: Митевски, Дац и Блага Петреска во заеднички проект

Убава вест за љубителите на македонската музика – на повидок е нова заедничка песна на Александар Митевски, Драган Спасов Дац и доајенот на народната музика, Блага Петреска, посветена на Прилеп.

Станува збор за серенада инспирирана од духот на градот, која, како што најавуваат авторите, носи „мирис на тутун и топлина од прилепчани“. Песната е создадена со силна емоција и почит кон традицијата, а во неа се спојуваат современиот израз и препознатливата автентичност на македонската народна музика.

„Конечно се роди една нова серенада за Прилеп… создадена со срце, испеана заедно со нашата драга музичка легенда и прилепска душа — Блага Петреска“, стои во најавата.

Паралелно со песната, ќе се снима и видеоспот на повеќе локации низ Прилеп, со цел да се долови атмосферата и приказната на градот. „Да го фатиме здивот на градот во кадар, да ја раскажеме неговата тивка, а силна приказна“, порачуваат авторите.

Во рамки на снимањето, утре (вторник) околу пладне во Старата чаршија е најавена и средба со граѓаните, каде тимот ќе има можност да се сретне со прилепчани и да ја сподели оваа музичка приказна.

Со оваа соработка, тројцата уметници најавуваат песна која не само што ќе биде музички проект, туку и емотивна разгледница за Прилеп и неговата препознатлива душа.