Пештерата Убавица, една од најубавите во Македонија

Работната недела завршува. Многумина од вас се прашуваат и размислуваат каде да го поминат викендот. Ако сакате да посетите место, на кое не сте биле до сега или пак сакате повторно да се вратите таму, тогаш овој пат наш предлог е Пештерата Убавица, една од најубавите во Македонија. Нема да зажалите, а со сигурност ќе уживате во оваа природа. 

Порталот игеоргафија, детално ја опушува оваа македонска убавица. 

„Убавица“ или Ѓоноичка пештера се наоѓа во непосредна близина на гостиварското село Горна Ѓоновица. За да се дојде до неа, треба да се минат петнаесетина километри по стариот макадамски пат Гостивар – Кичево, а потоа педесетина метри над патот е влезот на овој бисер на подземните убавини. Во почетокот на шеесеттите години на минатиот век (1962 – 1966) д-р Душан Манаковиќ, професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет од Скопје, со група вљубеници во подземните убавини и авантури, вршел испитувања на оваа дарба на природата. Резултатите од истражувањата подоцна ги претставил пред пошироката јавност, предизвикувајќи голем интерес. Инаку, името „Убавица“ е дадено поради изразитиот сталагмит во форма на женска силуета, но и поради големото богатство од разновидни подземни природни украси.

Пештерата ,,Убавица“ е ретка и единствена со својот раскош, со безбројните фигури од сталактити и сталагмити создавани со илјадници години, неколку галерии, столбови, ишарани тавани, разновиден пештерски накит, канал со вода, езерца, водопад висок седум метри, пет врела и што уште не во должина од над петстотини метри. Во август 2005 година, пештерата ја истражуваше заедничка спелеолошка екипа составена од искусни спелеолози на Спелеолошкото друштво Пеони од Скопје, потоа француска спелеолошко-нуркачка експедиција и Спелеолошкото друштво Инфериум од Кичево. По двомесечни секојдневни напорни истражувања, открија нови подземни канали богати со разновиден пештерски накит. Спелеолозите претпоставуваат дека излезот на оваа пештера е од другата страна на планината Буковиќ, кај кичевското село Зајас. Заедно со претходно откриените 500 метри и новите 800 метри, Убавица стана меѓу најдолгите пештери во Македонија.

И покрај тоа што оваа пештера е откриена пред четири децении, досега ништо не е преземено за уредување на просторот, со цел да биде достапна за сите што имаат желба да ја посетат и да се насладуваат на чудата што ги има создавано природата со илјадници години. Наместо да се преземаат активности пештерата да стане туристички пристапна и заштитена, таа е оставена на милост и немилост, за неа никој не се грижи. Во последниве неколку години е регистрирано и уништување на формите од несовесни поединци. Последните години дури се забележани луѓе што влегуваат во пештерата со цел да ги искршат и извадат украсите што се создавани со години. Можеби ќе дојдат подобри времиња “Убавицата“ да биде соодветно уредена и достапна за сите, а дотогаш надлежните треба да се погрижат да ја заштитат од несовесните посетители и уништувачи.

Институтот за географија со своите студенти повеќе пати организира посета на оваа навистина убава пештера, запознавајќи ги студентите со извонредниот подземен пештерски свет. Посетите се можни обично во посувиот период (доцна во лето или почеток на есента), додека е пониско нивото на подземниот водотек кој минува низ поголем дел од главниот канал. Особено впечатлив е извонредниот водопад на крајот од големата сала (до каде може да се оди без специјална опрема).