Перо Камиказа ќе се кандидира за претседател на Македонија

Петар Георгиевски, познат како Перо Камиказа, во интервју за СлободнаТВ изјави дека ќе се кандидира за претседател на Македонија, на изборите во 2024 година, пренесе Фокус.

„Не се откажувам од политичките амбиции. Во 2024 година ќе се кандидирам за претседател на државата. На луѓето им се смачи од криминалци во политиката и ќе им дадам шанса да изберат чесен човек, вели музичарот.

Тој беше кандидат за градоначалник на Скопје, а во една прилика додека гостуваше во Дневникот на Сител, говореше за својата кандидатура, потенцирајќи дека, доколку победи на изборите, противкандидатките Ана Петровска и Данела Арсовска ќе му бидат советнички.

Сепак, на изборите победи Данела Арсовска.

Зборувајќи за актуелната ситуација со блокадата на Скопје и политичките конфликти во градскиот совет Георгиевски вели дека не чувствува грижа на совест поради однесувањето на актуелната градоначалничка бидејќи таа ја немала неговата подршка за изборите.

„Состојбата во градот е многу комплексна. Малку вина има во градоначалничката Арсовска, малку вина има во партијата што ја поддржа да стане градоначалничка. Ако партијата или членови на партијата што ја подржуваа и ја финансираа нејзината изборна кампања, тогаш и нивните очекувања од неа се легитимни. Таа направи и уште прави грешки во чекори. Едноставно, Данела не може да се справи со тие кои ѝ помогнале да дојде на местото градоначалничка на Скопје. На пример, тоа нејзиното „рачето во медот“ стана хит. Но, еве, партијата што ја подржуваше излезе од медот и сега – чие раче е во медот?“, праша Георгиевски во интервјуто објавено тука.