Перински: Нова инвестиција на ЈП Водовод и канализација – Скопје во Пржино

Денеска, директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Златко Перински заедно со претставници на Општина Кисела Вода, направи увид на работните активности за реконструкција на водоводната мрежа по дел од ул.Наум Охридски која е дел од системот - прва јужна висока зона, во Пржино, општина Кисела Вода.

-Со оваа инвестиција на ЈП Водовод и канализација – Скопје, за реконструкција на водоводната мрежа во висина од 1.306.600,00 денари, ќе се подобри притисокот на водоснабдувањето во постоечката мрежа. За таа цел, реконструкцијата ќе се насочи кон поврзување на водоводната мрежа на ул. Кавалска, ул. Благоја Гојан како и горниот дел од ул. Наум Охридски на системот - втора јужна висока зона, а ул. Рилски Конгрес ќе остане поврзана на системот - прва јужна висока зона, порач тој. 

-И покрај тоа што претпријатието ја заврши 2021 година со загуба од 67 милиони денари, а раководството се наследи со 338 милиони денари доспеани обврски кон добавувачите, сепак наоѓаме начини преку системски пристап за менаџирање на работата да продолжиме со инвестиции за подобрување на водоводната и канализационата мрежа, со цел пресретнување на потребите на корисниците на услугите на ЈП Водовод и канализација – Скопје. Оваа реконстркуција во Пржино е една од низата планирани инвестиции на ЈП Водовод и канализација – Скопје кои ќе се реализираат во периодот кој следи, изјави Перински.