Пензионерскиот синдикат излезе со став за францускиот предлог

Денес, Пензионерскиот синдикат на нашата земја истакна дека за нив францускиот предлог е неприфатлив. Како причина за нивниот став ги наведуваат условите и содржината на истиот. Тие сметаат дека овој предлог има за цел да ја наруши македонската историја и македонскиот идентитет, а тие како Пензионерски синдикат се против тоа. 

„За нас како синдикат, но и како граѓани на Република Македонија е од особена важност да се зачува идентитетот којшто е граден години и години наназад. Ние имаме само една држава, а тоа е Република Македонија. За нас неприфатливо е да бидеме дел од Европската Унија како никаква друга нација, освен како македонска“, се вели во соопштението од Синдикатот.

Во оваа прилика тие им порачуваат на сите пензионери, како што наведуваат, самите да одлучуваат за иднината на своите внуци и да не подлегнуваат под никакви притисоци, како и внимателно да ги следат случувањата околу францускиот предлог.