Пензионерите се задоволни од услугата „Итно копче“, вели Герасимовски - најави голем број проекти за пензионерите во новата програма

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска во објава на Фејсбук сподели дека пензионерот Благоја Јошевски бил задоволен од услугата „Итно копче“.

„Тој вели дека оваа иновативна и бесплатна услуга му дава сигурност и мир, бидејќи секогаш може да побара помош со притискање на копче на самата нараквица. Се користи во кризни ситуации за алармирање на службите за брза реакција и итна медицинска помош. Среќен сум што и самите корисници се задоволни, затоа што правиме сѐ за да им го подобриме квалитетот на живот на повозрасните центарци“, истакна Герасимовски.

Тој посочи дека во новата програма за работа, реализираат голем број на проекти за пензионерите, како зголемување на еднократната парична помош, изградба на дом за стари лица, редовни кардиолошки, пулмолошки, стоматолошки прегледи и бесплатна екскурзија.

„Исто така, продолжуваме и со проектот „Сервис за стари лица“. Заеднички со пензионерите ги носиме сите политики, за Центар што го сакаме“, порача Герасимовски.