Пензионерите се најлесен плен за разбојниците

Постарите лица се лесен плен за разбојниците, така што тие ги чекаат деновите кога на сметка им “легнува“ пензијата и кога истата ја подигнуваат граѓаните.

Разбојништвата врз лица над 60 години, односно пензионери не е нешто ново и изненадувачки.Во месеците јануари и февруари на територијата на Град Скопје, се случиле вкупно 9 разбојништва кои се пријавени во МВР и за истите се преземени мерки за гонење на сторителите на тие дела. Пензионерот Димче З. од скопската населба Автокоманда за Скопјеинфо вели дека се повеќе се плаши за својот живот во деновите кога ќе добие пензија и дека неколку негови пријатели биле нападнати од разбојници.

- Ние пензионерите на разбојниците сме им најлесен плен, не можеме да им пружиме отпор и токму затоа секогаш сме им на ум. Пред повеќе од половина година мој пријател беше нападнат кога излегувал од банка, двајца разбојници го нападнала и му ја земале пензијата, а и пред тоа имало ситуации кога пензионери биле нападнати додека излегувале од банка или пак во своите домови, раскажува Димче.

Тој понатаму вели дека со неговиот внук оди во банка по пензијата и на тој начин се чувствува сигурен.

-Секогаш кога одам во банка за да ја земам пензијата одам со мојот внук, бидејќи воопшто не се чувствувам сигурно кога би одел сам. Планирам од наредниот месец, да му дадам полномошно и внукот да ја зема пензијата, бидејќи староста си зема данок. Потребно е повеќе полиција да има низ улиците, а казните за разбојниците да бидат поголеми, истакна дедо Димче. 

Во месец јануари се случиле 2 разбојништва, додека пак, месец февруари бил повеќе плоден за разбојниците, кои извршиле 7 кривични дела. Од министерството за внатрешни работи посочуваат дека статистичките податоци и начинот на известување на појавите и состојбите во областа на јавната безбедност, поделбата на возраст на жртвите на кривични дела се врши само за регистрирани карактеристични и посериозни облици на кривични дела.

-Секторот за внатрешни работи Скопје посочуваат дека ги превземаат сите законски овластувања за спречување и откривање на кривични дека – “разбојништво“ и преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела, посочуваат оттаму.