Пендаровски смета дека вакцинирањето во Србија е срам за нашата држава, Филипче бил изненаден од изјавата

Советот за безбедност бара државата да ги искористи сите расположиви ресурси за да им се даде соодветна здравствена заштита на заболени од КОВИД-19, како и да направи се да спроведе масовен процес на имунизација на населението. Она што викендот го гледавме во Србија, каде се вакцинираа наштите граѓани е срам за државата и не смее да се повтори, рече претседателот Стево Пендаровски по завршувањето на седницата на Советот за безбедност на која се разговараше за состојбата со пандемијата и на која учествуваше и министерот за здравство Венко Филипче.

-Тоа не го барам само јас, го пренесувам чувството на голем дел македонски граѓани кои не се задоволни од тоа што на тој план го направиме досега. Сликите што ги гледавме изминатиот викенд во Србија тоа најдобро го илустрираат. Вакви слики едноставно не смеат да се повторат. Благодарност до Србија, но, тоа беше срам за нашата држава. Државата мора да најде начин своите граѓани да ги вакцинира овде, потенцира Пендаровски.

На ваквата изјава на Претседателот Пендаровски попладнево стигна реакција од Министерството за здравство.

Изненаден сум од изјавата на претседателот Пендаровски, сликите од Србија не се срам, тоа е одраз на солидарност во услови на криза. Покрај нашите граѓани се вакцинираа и граѓани на соседните земји, но ниеден претседател не рече дека е тоа срам за неговата земја. Владата прави максимални напори да обезбеди вакцини, а вакцинацијата започнува веќе од утре. Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана, се вели во реакцијата на Филипче.