Пендаровски: Ситуацијата со коронавирусот останува сложена

Претседателот Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност посочи дека ситуацијата останува сложена бидејќи не се знае колку долго ќе трае епидемијата.

Советот посочил дека мерките се спроведуваат ефикасно и се ефективни, што придонесува до тоа да се спречи ширењето на коронавирусот.

„Советот заклучи дека ситуацијата останува сложена. Сите сценарија за идниот развој на настаните се оптоварени од главната непозната, а тоа е колку долго ќе трае епидемијата. Притоа, едногласно беше заклучено дека досега имаме адекватна поставеност на државата и ефективна соработка меѓу надлежните служби. Имаме стриктно спроведување на препораките од СЗО и со мали исклучоци имаме навистина одговорно однесување на нашите граѓани“, рече Пендаровски.

Тој додава дека затворањето на границите и ограниченoто движење е проблем за економијата.

„Сведоци сме дека и најразвиените земји тешко се соочуваат со овој сегмент. Ни следува тежок период. Потребни се серија мерки и одговорни одлуки за да се намалат штетите на екомијата. Советот за безбедност ќе ја следи работата на сите институции во овој период. До истекот на вонредната состојба ќе свикам најмалку уште една седница, пред евентуално продолжување на истата“, додаде Пендаровски.

Претседателот ги повика сите граѓани да ги почитуваат мерките, да останат смирени, рационални, одговорни и солидарни, за со заеднички напори да се победи епидемијата.