Пендаровски: Се уште не се донесени ниту националната, ниту општинските стратегии за намалување на ризици од катастрофи

Повеќе од која било друга непогода, пандемијата ни покажа колку е важно намалувањето на ризиците и градењето отпорност кон катастрофите. Пандемијата ги затвори границите, ги замрзна социо-економските процеси и ја зголеми веројатноста од стари, но и од нови, сложени и системски ризици. Ова се сериозни предизвици и за многу поголеми и побогати држави. Дополнителен проблем за нас е фактот што, покрај ограничените човечки, материјално-технички и финансиски ресурси, ние се соочуваме и со хроничен недостаток на институционална координација и соработка.

Ова го истакна претседателот на државата Стево Пендаровски во обраќање на денешната он лајн конференција „Подобрен капацитет за превенција на несреќи и управување со кризи на локално ниво“, во организација на Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).

Европската комисија во својот последен извештај за напредокот на Северна Македонија, потсети Пендаровски, децидно побара подобрување на соработката и координацијата меѓу Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.

Пандемијата, наведе Пендаровски, е стрес-тест не само за здравствениот систем, туку и за кризниот менаџмент, за системите за управување со кризи и заштита и спасување, не само на национално, како што често мислиме, туку и на локално ниво. Многу од нашите општини, посочи, имаат проблеми со поплави, пожари, свлечишта, одрони и загадување. Знаеме дека кога и да се случи некоја непогода или катастрофа, рече шефот на државата, први на удар се локалните заедници, затоа, и први кои треба да реагираат се локалните власти и подрачните единици на надлежните институции.

– Треба да се работи и на стратешките и оперативните документи. Иако пристапивме кон Сендаи рамката за намалување на ризици од катастрофи, сè уште не се донесени ниту националната ниту општинските стратегии за намалување на ризици од катастрофи. Ние сме една од ретките држави, која сè уште нема воспоставено рамка за закрепнување во рана и последователна фаза, потенцира претседателот Пендаровски.

Додаде дека истражувањето на Институтот за демократија „Societas Civilis“ укажува дека ни недостасува системски пристап во намалувањето на ризиците од катастрофи. Пендаровски оцени дека тоа се должи и на погрешната перцепција за ризиците како просторно, временски и функционално изолирани феномени наместо како тесно поврзани меѓу себе.

– Отпорни политички заедници се градат со суштинско разбирање на комплексноста на ризиците и со долгорочно вложување во градењето на капацитети за превенција, одговор и посткризна рехабилитација.

– Нам ни е неопходен системски пристап во националните и локалните стратегии што ќе овозможи интегрирање на расположливите капацитети и ресурси на сите нивоа, и нивно постојано одржување и надградување со цел да бидат на располагање тогаш кога ќе биде најпотребно. За разлика од менаџирањето на катастрофи, кое по својата природа е реактивно, менаџирањето на ризиците е, пред сè, превентивно, нагласи Пендаровски.

Важно е, порача, да постои политичка волја на централно и на локално ниво. Но, рече Пендаровски, ова не е задача само за државните институции, туку за целото општество, за академската и бизнис-заедницата и за невладиниот сектор.

– Заедно, мора да изградиме индивидуална и колективна култура на отпорност и се разбира, одговорност. Притоа, да не бидеме наивни идеалисти и да се потпираме само на добрата волја на надлежните според закон. Константниот инспекциски надзор е клучна алатка во затворањето на кругот на одговорноста, подвлече претседателот на државата.

Можеби сево ова звучи преамбициозно, посочи, но јас сум убеден дека е изводливо.

Потсети дека во 2004 и 2005 година беа воспоставени системите за заштита и спасување и за управување со кризи. Од 2009 година, со извесни прекини, се развива Националната платформа за намалување на ризици од катастрофи, што ја нагласува потребата од имплементирање на методологии за проценка, мапирање и мониторинг на ризиците што би им служеле на носителите на одлуки во изготвувањето стратегии, политики и закони. Сендаи рамката, истакна претседателот Пендаровски, за намалување на ризици од катастрофи е јасен патоказ во таа смисла.

Шефот на државата изрази уверување дека овој проект на Институтот за демократија, поддржан од Британската амбасада во Скопје, може да помогне во создавањето на отпорни заедници и општини и ги охрабрува градоначалниците, членовите на општинските совети, директорите на подрачните единици во сите општини во државата да се приклучат кон овој потфат.

Во таа насока, се осврна на тоа дека неодамна иницираше и конференција и поширока дебата за подготовка на посебен закон за вонредна состојба со кој ќе бидат уредени сите правни празнини и дилеми со кои се соочивме, организирајќи го системот во нестандардни околности.

– Со секое одлагање ќе биде сè потешко да изградиме структурна отпорност и одговорност. А цената за тоа ќе ја плаќаат граѓаните. Да не заборавиме дека отпорноста кон катастрофи е предуслов за одржлив развој на секоја општина. И тоа не е трошок, туку влог во иднината, порача во обраќањето на конференцијата претседателот Пендаровски.

Амбасадорка на Обединетото Кралство во Северна Македонија Рејчел Галовеј, во обраќањето наведе дека веќе една година откако трае кризата предизвикана со пандемијата КОВИД 19, владите ги преземаат сите неопходни мерки во однос на транспортот, меѓународните патувања, училиштата, јавните настани и други мерки за да се креира социјална дистанца. Она што се случува на локално ниво, според неа, директно влијае на граѓаните, но и им го покажува во таа насока патот на локалните власти и контакти во подготовките на одговор на кризата.

Пандемијата не научи неколку лекции, истакна меѓу другото амбасадорката Галовеј, меѓу кои дека локалните власти исто така треба да имаат силни кризни системи кои ќе бидат во можност да одговарат на предизвиците брзо.

Според амбасадорката Галовеј, пандемијата покажа дека е многу важен  ефективен механизам за координација меѓу националната и локалните власти, а круцијално за успешна координација потребни се силни капацитети на локално и централно ниво.

Зоран Петров, национален координатор за имплементација на националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи истакна дека последиците од несреќи најмногу се чувствуваат на локално ниво, елементарните непогоди и катастрофите имаат специфични локални карактеристики за секој вид на регион. Оттаму, подвлече, обврската на локалните власти е да работат на овој предизвик одговорно, осмислено и организирано преку изготвување проценки и планови за намалување на ризици од катастрофи. Најважно е, потенцира, докумнетите изработени практично да се разработуваат. Потсети на четвртото ревидирано издание на  национална платформа за намалување на ризици од катастрофи усвоена во септември 2019 година, во која меѓу другото се повикува на зголемување на локални стратегии во 2020 година и децентрализација на активностите за намалување на ризиците од катастрофи на локално ниво. Еден од приоритетите на кои интензивно се работи, рече Петров, е подготовката на Акциски план за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици и катастрофи, со цел унапредување, развивање и јакнење на системот, како и изградба на ефикасен и функционален систем за превенција и рано предупредување од можни катастрофи.

Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи, истакна дека на глобално и национално ниво постојано се вложуваат системски напори за јакнење на капацитетите и способностите за превенција и справувањето со ризици, со цел успешно да се менаџираат за да не прераснат во кризни состојби и катастрофи. Системот за управување со кризи, рече, во континуитет ги подобрува своите капацитети и способности, како на национало, така и на локално ниво. Се работи на модернизација на информациско-комуникациските системи, воведување на единствениот еворопски повикувачки број за итни ситуации Е112, со што системот за управување со кризи максимално ќе се стави во функција на граѓаните и на локалните власти.

– Спроведувањето на потребните мерки и активности во справување со пандемијата ја нагласи силната потреба од синергија помеѓу сиситемот за управување со кризи и здравствениот систем во државата, како и потребата од целосна координација со системот на локалната самоуправа. Во вакви околности посебно е важно во целост да функционираат сите услуги кои кон граѓаните ги испорачуваат единиците на локалната смаоуправа, пред се, дејностите од јавно комунален карактер, здравствените и социјалните услуги, кои се потребни во услови на епидемија, рече Ангелов.

За Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, не постои одржлив развој без воспоставување ефективен и ефикасен систем за превенција од катастрофи. Изрази уверување дека координираниот пристап кон намалување на рзизиците од катастрофи преку хармонизирани практики и чекори е најважната инвестиција во интерес на граѓаните. ДЗС, информира меѓу другото, активно работи на намалување на ризиците од катастрофи и на локално ниво, а воспоставува и модел за заштита и спасување што се базира на сите нивоа.

– Превенцијата бара одговорност, при што индивидуалната и институционалната посветеност, така и почитувањето на споделена одговорност е клучна за намалување на ризиците од катастрофа, рече Максути.

Целта на оваа конференција е поттикнување на дискусија за системот за управување со кризи, можностите за соработка и меѓусебна поддршка на органите на национално и локално ниво, како и претставување на процесот на изработка на локални стратешки планови за намалување на ризиците од несреќи и катастрофи на осум избрани единици на локалната самоуправа.

Конференцијата е во рамки на проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“ кој Институт за демократија го спроведува со поддршка од Обединетото Кралство, преку Британската Амбасада во Скопје. Проектот цели кон зајакнување на стратешкото управување со кризи во осум избрани општини и прикажување на процесот на развој на локални стратешки планови за намалување на ризиците од несреќи и катастрофи.