Пендаровски: Политичарите први за ветинг

Граѓанско помирување и надминување на поделбите, прочистување на судиите и обвинителите, а пред сè на политичарите, натамошно градење добри односи со соседите, членство во НАТО и во ЕУ, приспособување на законите кон потребите на граѓаните и национален консензус против аерозагадувањето и иселувањето. Ова беа главните пораки што ги упати претседателот Стево Пендаровски во првото годишно обраќање пред пратениците во Собранието по преземањето на функцијата шеф на државата.

За владејачката СДСМ обраќањето на Пендаровски е прв натпартиски говор на еден претседател на државата по 10 години, а ВМРО-ДПМНЕ го оцени како изнесување партиски ставови и кажани дијагнози, но не и конкретни решенија. За ДУИ говорот на Пендаровски бил коректен, особено делот за Законот за јазиците и за судството, за Беса избалансиран што ги опфатил сите отворeни прашања, додека Алијансата за Албанците смета дека е сè уште рано да се дава оценка за претседателот.

– Пред мене, но и пред сите нас, стои огромна работа, бидејќи поделбите меѓу граѓаните на кои некои работеа со години сè уште се длабоки. Ако порано и денес тоа одеше и оди по линија на етничката припадност, во последната деценија поделбите и меѓу Македонците драматично се продлабочија, рече претседателот Пендаровски пред пратениците.

Тој посочи дека старите поделби по етничка и партиска линија не се надминати, а на дневна основа има и нови поделби.

Осврнувајќи се на Законот за јазиците, особено по мислењето на Венецијанската комисија кое, за жал, како што рече, според старите и лоши навики е прочитано исклучиво преку политичка и етничка диоптрија.

Тој потсети дека пред две години, како пратеник, во Комисијата за европски прашања аргументирал дека ниту една држава не се распаднала затоа што на своите граѓани им дала премногу права во областа на јазикот. Законот за јазици сигурно нема потенцијал да ја дестабилизира земјата, меѓутоа, ако велиме дека законите ги носиме заради граѓаните, чесно е да ги направиме сите неопходни корекции за тие навистина да заживеат.

Како врв на лошите состојби во правосудниот систем, претседателот Пендаровски ја посочи т.н. афера „Рекет“ во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата што беше формирана со една единствена цел – да ги гони криминалците.

– Еден факт не зборува добро за отпорноста на нашиот правосуден систем од надворешни влијанија – безмалку три децении сме независна држава, а ниту еден висок политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден. Општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните и луѓето на маргините, без релација со некоја власт, одговараат дури и за багателни кривични дела. Затоа и не треба да нè чуди што голем дел од младите луѓе ги воспитуваат т.н. реални шоуа, а нивните идоли не се чесните луѓе – домаќини, со образ и личен интегритет, туку типови од криминалниот полусвет, нагласи претседателот.

Од собраниската говорница Пендаровски ѝ порача на следната власт, веднаш по изборите да спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но најпрво кај политичарите.

– За секого за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер треба веднаш да следи не оставка, туку кривична постапка, додаде тој.

Во обраќањето Пендаровски ги нагласи и храбрите политички чекори на актуелната власт, која ги затвори политичките спорови со историска димензија со Бугарија и со Грција.

Во контекст на актуелните регионални иницијативи, пак, претседателот Пендаровски истакна дека тие во ниту еден случај не треба да бидат разбрани како замена за европските интеграции, туку само како инструмент за наше побрзо интегрирање во Европа.

Шефот на државата на крајот од своето обраќање повика на национален консензус против загадувањето на животната средина и иселувањето.

– По десет години обраќања на еден партиски послушник како Ѓорге Иванов, кој ги промовираше политиките на режимот и изолацијата, денеска бевме сведоци на обраќање на натпартискиот претседател Стево Пендаровски, изјави пратеникот Хари Локвенец од владејачката СДСМ.

Тој посочи дека може да се согласат за дел од работите споменати во обраќањето на Пендаровски, кога претседателот вели дека има уште многу работа, особено имајќи го предвид кочењето на процесите од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратенкот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека од претседателот Пендаровски слушнале дијагнози, но не и конкретни решенија.

– Очигледно покомотно се чувствува кога ги зазема ставовите на партијата. Чувме многу празни зборови, но не слушнавме ништо конкретно. Чувме дијагнози, но не чувме конкретни решенија, изјави Димовски.

Тој посочи дека во говорот на Пендаровски не слушнале ништо во однос на неговите последни изјави за Гоце Делчев и иселувањето на младите.

– За неколкуте идеи што ги соопшти, мора да кажам дека нема никакви консултации со пратениците и опозицијата, што само потврдува дека тој не успеал да излезе од партиските чевли на СДСМ, рече Димовски.

Жалиме, продолжи тој, за испревртените интерпретации на Венецијанската комисија.

– Сакаме да му порачаме дека седум месеци се доволни за да излезе од својот партиски дрес. Време е да се постави како претседател на сите граѓани, изјави Димовски.

Според Реџаил Исмаили од ДУИ, говорот на претседателот Стево Пендаровски бил коректен, посебно во делот на Законот за јазиците и за судството.

– Се повика на извештајот на Венецијанската комисија и ние како држава треба да градиме капацитети за спроведување на тој закон. Вие знаете како новинари дека е формирана Агенцијата за спроведување на законот, исто така пред еден месец го формиравме со закон и Инспекторатот за спроведување на истиот закон, така што да дозволиме и да создадеме услови за тие две институции да почнат да се градат со јаки капацитети и да почнат да работат, дури тогаш ќе видиме како се спроведува Законот за јазиците, рече Исмаили.

Според Фадил Зендели од Беса, настапот на Пендаровски бил избалансиран, бидејќи биле опфатени сите отворeни прашања што ги имаме, особено во делот на правната држава.

Треба да се поздрави, посочи Зендели, обраќањето во насока дека 30 години сме држава со афери, а нема ниту еден висок функционер зад решетки.

– Сè уште е рано да се даде оценка за работата претседателот на државата Стево Пендаровски, смета пратеникот Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците по обраќањето на претседателот до пратениците во Собранието.

Тој рече дека за поздравување е фактот дека и по препораките на Венецијанската комисија околу Законот за јазиците и самиот претседател истакнал дека тој закон не е противуставен и со препорака до институциите дека треба да го почитуваат. Потенцира и делови од говорот што се однесуваат на судството и заробената држава од минатата власт.

На обраќањето на претседателот Пендаровски не присуствуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој рече дека не бил поканет во Собранието.

– Неканет гостин е недобредојден гостин. Не бев поканет ниту на инаугурацијата, а не бев поканет ниту на ова годишно обраќање на господинот Пендаровски, бидејќи првиот пат беше протоколот грешка, а сега ќе слушнеме претпоставувам нешто слично без да има никаква одговорност. Така што лицемерството е на максимум, едно се зборовите, едно е реториката, она што го слушнавме може да кажам дека е една бледа копија на она што ние како ВМРО-ДПМНЕ го зборуваме, но испораката, за жал, ја нема. Накратко не бев поканет и затоа не присуствував на обраќањето на господинот Пендаровски, рече Мицкоски.