Пендаровски на средба со освојувачите на медали на Јуниорската балканска математичка олимпијада

 Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими учениците натпреварувачи на 24-та Јуниорска балканска олимпијада по математика, кои освоија златна, сребрена и две бронзени медали.

Честитајќи им на учениците за овој успех, шефот на државата истакна дека тој и целата македонска јавност со голема радост ја примиле оваа вест, која кај сите предизвика чувство на гордост и на среќа.

– Уживајте во овие моменти и радувајте се. Да се биде победник на Олимпијада е голема работа и сите не направивте горди. Вие сте позитивен пример за сегашните и идните генерации. Вашите медали што гордо и денеска ги носите на градите упатуваат порака до сите млади во нашата држава дека со посветена и напорна работа, со вложен труд, секогаш резултатите доаѓаат, нагласи Пендаровски.

Тој додаде оти нивниот успех покажал дека нема нерешливи задачи, кога кон нив се пристапува тимски и одговорно. Пендаровски им порача дека очекува да продолжат по истата патека, како и дека секогаш со мотивираност, желба и дисциплина можат да се совладаат и најголемите предизвици.

Учениците на средбата ги раскажале импресиите од одржаната Олимпијада, како и периодот на нивните подготовки, кои се одвивале во специфични услови поради Ковид-19.

– Тоа не го намали нашиот ентузијазам и желба за успех. Напротив, тоа не мотивираше дополнително и со поголем елан да работиме и да покажеме дека и во нашата земја се негува љубовта кон математиката, рекоа учениците на средбата.

Од 9 до 13 септември годинава во Грција виртуелно се одржа 24. Јуниорска балканска математичка олимпијада на која нашата екипа, сместена во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, се натпреваруваше преку видео-конференциска врска.

Екипата ја сочинуваа Никола Спировски – освојувач на златен медал, Дамјан Давков – освојувач на сребрен медал, Никола Цветаноски – освојувач на бронзен медал, Марија Атанасова – освојувач на бронзен медал, Матеј Гелев, и Емилија Николовска. Водач на тимот беше Делчо Лешковски, а заменик водач Борче Јошевски.

Годинава, на 24-та Јуниорска балканска математичка олимпијада учествуваа десет земји од Балканот и осум држави – гости, а ги опфаќа сите ученици од основното и од средното образование кои до денот на одржувањето не навршиле петнаесет и пол години.