Педесет годишна скопјанка е првиот потврден случај на корона вирусот

Жена од Скопје, родена во 1970 година, е првиот потврден случај со коронавирус во земјава. Пациентката, која одреден период престојувала во Италија, а допатувала преку граничниот премин Табановце превезувајќи се со комбе во кое имало уште неколку лица, моментно е на интензивна нега во Одделот за изолација на Инфективната клиника. Свесна е, ориентирана и дише нормално.

Како што соопштија попладнево министерот за здравство Венко Филипче, д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје и премиерот Оливер Спасовски нема простор, ниту причина за паника. Ситуацијата е под контрола, постојано се следи, а институциите се подготвени за брза реакција и ги преземаат и сите неопходни мерки според меѓународните протокли.

Филипче, Сапсовски и Караџовски апелираа граѓаните да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство и да се однесуваат одговорно. Да не се шири дефетизам, посебно не на социјалните мрежи. Воедно повикаа, компаниите и институциите да не им дозволат на оние вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа зашто тие прво мора да минат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот.