Печката на „Дрисла“ се уште во дефект, над 200 тони медицински отпад чека ред за горење

Над 200 тони медицински отпад чекаат ред за горење на депонијата „Дрисла“. Печката за медицински отпад си уште е во дефект, наспроти очекувањата на надлежните горењето да продолжи од почетокот на неделава.

Поради дефект на филтерот, од депонијата известија дека печката престанала со работа на 19 јануари, а секојдневно пристигнуваат во просек по 10 тони медицински отпад.

„Дефектот на филтерот на печката сè уште не е отстранет, поправките сè уште се во тек иако очекувавме досега да завршат. Медицинскиот отпад го складираме во специјален ров“, изјавија од „Дрисла“, а потоа се заканија дека нема повеќе да даваат информации на „Макфакс“.

Пред десет дена од „Дрисла“ објаснија дека специјалниот ров има капацитет од 150 кубни метри и дека тој веќе се полни оти печката не работи. Од „Дрисла“ денес не одговорија каде го складираат отпадот што им стигнува по исполнувањето на капацитетот на специјалниот ров, а не објаснија ниту зошто се пролонгирала поправката на филтерот на печката.

Филтерот на печката за согорување медицински отпад беше поставен лани во април откако Министерството за животна средина на почетокот на годината ја казни депонијата со 8.500 евра поради непочитување на протоколите за горење медицински отпад и и наложи да постави филтер.

Нова печка за согорување медицински отпад е една од неисполнетите обврски на италијанскиот конзорциум ФЦЛ „Амбиенте“, кој пред седум години ја добија под концесија депонијата.