Пазарџиите се вратија на тезгите, власта го одложи Законот за зелени пазари

Пазарџиите го прекинаа протестот и викендов работеа нормално, откако власта им вети дека ќе го одложи Законот за зелени пазари. Имено од владејачката СДСМ изјавија дека измените во Законот за зелените пазари со кој пензионерите, социјалците, стечајците и хонорарците, нема да можат да работат, а секој закупец на тезга треба да плаќа годишна лиценца од 60 евра, а за секоја дополнителна плус 40 евра се одлагаат до 1 септември, а дотогаш ќе се бара друго заедничко прифатливо решение.

– СДСМ со внимание ги следи реакциите кои произлегоа од законските измени што ги засегаат граѓаните кои остваруваат трговска дејност на пазарите. Затоа, пратеничката група на СДСМ ќе бара и ќе се залага за одложување на спроведувањето на измените, со цел да се овозможи време засегнатите страни да дојдат до заедничко решение. Земјоделците, пензионерите и сите пазарџии да бидат спокојни, ќе се најде решение со кое секој ќе може достоинствено и чесно да си заработи денар плус, но и решение кое ќе обезбеди начин за сузбивање на сивата економија. Институциите, продавачите и организаторите на пазарите неопходно е на заедничка маса да дискутираат како да се подобри организацијата на работата на пазарите и да се дојде до решение со кое ќе бидат заштитени сите засегнати страни, изјави пратеникот Диме Велковски од СДСМ.

Во петокот пазарџиите кои излегоа на протест против измените во Законот за зелени пазари велеа дека не можат да опстанат со сегашните и најавените давачки и оти ќе ги затворат тезгите. Голем дел од нивните обвинувања за ова законско решение беа упатени кон Екрем Долек, претседателот на Комората на трговци, која треба да ги наплаќа лиценците. Според Долек, пак Организаторите на пазарите се тие кои ги наметнале протестите затоа што се исплашиле дека со актуелните законски прописи ќе бидат откриени нивните скриени тезги.

– Дознав дека се криела вистинската бројка на тезгите пред властите, дека тука имало голем криминал. Организаторите на пазарите сами ги заклучуваа пазарите и ги тераа продавачите да не работат, изјави Долек.

Инаку претходно негодување за овој Закон побараа и од Групацијата на пазари при Стопанската комора од каде посочија на можен раст на сивата економија и преполовување на прометот. Од Групацијата на пазари побара овој закон да се пролонгира бидејќи е на штета на пазарџиите, односно ја загрозува дејноста и го доведува во прашање опстојувањето на зелените пазари.

– Заеднички беше оценето дека е потребно итно негово укинување или одложување на неговата примена до донесување на законски прифатливи решенија во консултации со сите засегнати страни, вели Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Организаторите на пазари, членки на Стопанската комора на Македонија, се договориле дека нема да склучуваат нови договори за закуп се додека не се изнајде решение за проблемот со кој се соочуваат.

Од Стопанската комора истакнаа дека ова законско решение што сега е во сила е донесено на иницијатива на неколку пратеници во јануари лани и изгласано во Собранието по скратена постапка. Оттаму посочуваат дека уште тогаш укажале на последиците кои можат да се случат, односно откажување на тезгите и намалување на работата на зелените пазари. Од Комората проценуваат дека трошокот на околу 20 илјади закупци на тезги за добивање лиценци ќе изнесува повеќе од 1,5 милиони евра.