Пазарџиите најавуваат генерален штрајк

Пазарџиите најавуваат генерален штрајк. Иако примената на новиот Закон се одложи за една година, тие не отстапуваат од своето барање за негово целосно укинување и ја искажаа можноста да ја блокираат работата на зелените пазари низ целата држава.

Од Владата информираат дека ги слушнале аргументите и барањата на пазарџиите на заедничката средба што ја остварија пред неколку дена и дека постигнале согласност да продолжат консултациите меѓу институциите, пазарџиите и другите засегнати страни.

И од Министерството за економија потврдија дека последната средба завршила со позитивен резултат. Одлуката да се одложи примената на законот за една година е донесена токму со таа цел, преку заеднички преговори во меѓувреме да се изготви подобрено решение на задоволство на сите засегнати страни.

Иако сè уште неофицијално, пазарџиите подготвуваат иницијатива до Уставен суд за да се преиспита уставноста на законот, што беше донесен по скратена постапка и како што велат, без консултација со сите засегнати страни.

Новите законски измени предизвикаа револт кај пазарџиите бидејќи им се наметнува дополнителна давачка во висина од 60 евра на годишно ниво, а пензионерите и вработените немаат право да поседуваат тезга.