Патувај низ Македонија: Станечки, Дуфски, Пехчевски, Бабунски - водопади кои мора да се посетат

Македонија крие многу природни убавини, кои изгледаат како места од бајките. Во оваа магија спаѓаат и водопадите, едни од најфасцинантните природни убавини, кои природата најчесто ги крие од очите на јавноста.

Станечки Водопад

Најголем постојан водопад на Осоговските Планини, сместен долж течението на Козја Река, во близина на селото Станци, Кривопаланечко. Неговата височина изнесува 11 метри. Во подножјето на овој ерозивен водопад, со вртложното движење на водата е создаден голем природен базен или џиновски лонец. Од џиновскиот лонец речната вода слаповидно истекува кон помирниот дел на Козја Река, паѓајќи уште 3 метри на релативно кратко растојание, така што водата вкупно се спушта 14 метри. Ако сакате да го почуствувате мирот во себе, ако сакате да излезете од секојдневието, ви предлагаме да се искачите на Станечките водопади. Тоа е место каде се слуша тишината која владее во овој дел на Осоговските Планини. Тишината ја „нарушува“ единствено шумолењето на брзата и бистра вода. 

Дуфски Водопад

Водопад по течението на Ростушка Река, во близината на селото Ростуше. Водопадот е висок околу 23,5 м. Сместен е во густа шума. Тој претставува ерозивен водопад кој е создаден како последица на регресивното всекување на речното корито на Ростушка Река. Водопадот се наоѓа на леснодостапно место и за да се дојде до него не е потребен голем физички напор. До него води обележана пешачка патека во должина од илјада и дваесет метри, така што, доколку се пешачи со просечно темпо, до водопадот се пристигнува за половина час. Од половина пат, патеката води по кањонот на Ростушка Река, кој на некои места е длабок и до 100 метри. На крајот од кањонот се наоѓа в одопадот, скриен позади карпите, со висина над 25 метри. На местото е поставена алпинистичка опрема со која посетителите може да се искачат по карпите што го обиколуваат водопадот. За посета на оваа природна знаменитост се наплаќа влезница од 50 денари, со која се добива и брошура за водопадот, како и услуга од туристички водич.

Пехчевски Водопади

Сместени на Малешевските Планини, кај изворите на реката Брегалница, во близина на градот Пехчево. Во пределот има девет водопади, од кои всушност само два се на Брегалница, додека останатите се на Црн Дол, Љутачка Река (Ж’тачка Река) и Спиковски Андак. Највисокиот водопад е со висина од 14 м. 

Спиковски Водопади

Спиковските се наоѓаат по течението на Равна Река, поточно нејзината мала притока позната како Спиковски Андак, на околу 6 км од Пехчево во правец кон границата со Бугарија. Во оваа месност се сместени два водопади. Првиот се наоѓа на околу 200 м од патот и е висок околу 2 м, додека вториот се наоѓа на околу 300 м по првиот и неговата висина е околу 7 м. Патот до водопадите започнува со дрвена врата, а потоа е обележан и содржи неколку дрвени мовчиња. Во близина на водопадите, покрај почетокот од патот, е сместена ќумурџилница. Над водопадите е сместен археолошкиот локалитет Градиште. Според една легенда, Пехчево долги години бил под опсада на Османлиите кои не можеле да го освојат. На местото каде што се наоѓаат водопадите порано имало успусни канали, преку кои Османлиите влегле во тврдината и со тоа успеале да го освојат градот.

Љутачки Водопади

Љутачките Водопади се сместени на истоимената река, позната и како Ж’тачка Река, во месноста позната како Валевичка Река, на неколку километри од Спиковските Водопади кон границата со Бугарија. Во овој предел има два водопади коишто се наоѓаат на надморска височина од 1.400 м. Едниот водопад е со висина од околу 10 м и до него може да стигне само со теренско возило.

Скокото

Скокото се наоѓа во истоимениот шумски парк, непосредно по вливот на Љутачка Река во Брегалница. Тој е висок околу 7 м и до него води пешачка патека во должина од околу 1.500 м којашто започнува од местото наречено Дебел Рид.

Црнодолски Водопад

Црнодолскиот Водопад се наоѓа на истоимената река. До него води пешачка патека долга околу 400 м. Водопадот е висок 5 м.

Бабунски водопади

Експлозивни млазеви вода што бликнуваат од длабочините под карпестиот масив на врвот Солунска Глава, никого не оставаат рамнодушен. Тоа се изворите на реката Бабуна кои со својата уникатност им додаваат непроценлива вредност на нашите природни богатства. Доволно е само да се застане над бучните кладенци и да се почувствува моќта и убавината што природата ги дала во тој дел од нашата земја. Дополнителна воодушевувачка сцена е десетметарскиот водопад под изворите низ кој во секунда протекуваат стотици кубици кристално чиста и питка вода. Под водопадот се формира мал базен во кој и среде лето водата е толку студена што човек одвај може да додржи рака под вода. Изворите на Бабуна и малиот водопад се толку бесценети и воодушевувачки, што и самата природа не сака туку-така да му ги препушти на човекот во секое време. Пристапот до нив е преку тесна, а на моменти и стрмна и лизгава патека по која мора да се оди внимателно. На почетокот од патеката ве сретнува информативна табла на која стои и јасно предупредување, „Пешачењето кон изворите да не се изведува во зима, доцна есен и рана пролет“. Планината Јакупица, каде се наоѓаат изворите на Бабуна, е речиси недопрена од човекот, а по патеката нема потпорна ограда. Сепак, тоа што нема големо човечко присуство, на самото место му дава уште поголема вредност и го прави попримамливо за тие што имаат вистинска почит кон природата и нашите планини.