Патот до успехот е тежок, но важно е да не се откажеш - во една соба седевме цело семејство, учев на свеќа – денеска имам своја фирма

Овој скопјанец денеска има 50 години, се смета себе си за успешен. Ја раскажува својата приказна како од ништо направил нешто. Како се изборил со сиромаштијата, за денеска да си има своја фирма и да има еден нормален живот.

-Потекнувам од едно многу сиромашно семејство. Бевме пет деца. Имавме една мала куќичка, која имаше две соби. Само татко ми работеше, а мајка ми беше домаќинка и цел живот е болна. Со нас живееше и мојата баба. Секој ден беда, сиромаштија, едвај врзување крај со крај. Во една соби спиеја мајка ми и татко ми, во друга ние пет деца, а баба ми спиеше во ходникот. Јас сум најмалото дете во семејството. Се сеќавам, уште кога моите постари браќа и сестри одеа во училише, сакав да им ги разгледувам книгите, да ми кажуваат по нешто ново. Дојде време и јас тргнав на училиште. Многу сакав да учам. Но, ние речиси цел живот дома бевме без струја. Учев на свеќа. Во зима, додека сите седеа до шпоретот, во соба со осум луѓе, јас учев на свеќа и не ми пречеше што имаше некој со мене во соба. Желбата беше голема. Желбата ми беше јас  да бидам тој кој ќе го извади моето семејство од беда. И така со години. Завршив основно училиште, па се запишав во средно. Бев ученик на генерација. Одев на секој можен натпревар. Тогаш факултетите беа бесплатни. Се запишав на економскиот, а плус и почнав да работам со татко ми. Тој беше градежен работник, па јас кога можев одев со него, носев цигли, помагав, за газдите да ми дадат некој денар и на мене. Дома немав баш услови за учење, па учев цело време во читалните на факултетот. Го завршив факултетот и за моја среќа веднаш најдов работа. Во тоа време беше полесно за работа. Немаше многу луѓе со факултет. Па така успеав да се вработам и тоа во државна фирма. Уште од првиот месец почнав да земам добра плата. Помагав дома колку што можам. Со текот на времето јас бев тој што го издржуваше домот. Купував за јадење, ги плаќав сметките, а почнав и да ја доградувам куќата. И така почна се едно по едно. Коцките почнаа да ми се местат. Со години штедев. Ја запознав и мојата сопруга тогаш. И таа само што беше почнала со работа. Заедно собиравме пари, штедевме за наша подобра иднина. Днеска имаме свој бизнис, своја фирма. Живееме убаво. Никогаш нема да дозволам моите деца да почувствуваат ниту еден мал дел од она што јас го имам преживеано. Јас немав никкави услови за учење, а сепак имав голема волја, денешните деца имаат се, само ја немаат желбата. Денешните, во кои ги вклучувам и моите чекаат се да им биде сервирано, без мака, без пот. Да чекав и јас така, можеби денеска повторно ќе живеев во онаа иста беда, - раскажува тој.