Патот до среќата е поплочен со редовни навики

Сигурно секој од нас околу себе има личност која е постојано среќна и насмеана.

Photo by Kira auf der Heide on Unsplash

За среќата читаме многу, љубопитни сме како да стигнеме до неа  и се прашуваме дали таа воопшто е дестинација кон која треба да целиме или пак нешто друго.

Она што треба да го знаеме е дека среќата трае кратко, а тоа веќе го знаеме по фактот дека среќни сме штом купиме или добиеме нешто ново, а потоа брзо ни поминува таквото чувство и сакаме нешто ново. Одредени истражувања докажуваат дека сепак некои луѓе се посреќни од другите.

Но, која е нивната тајна?

Тие имаат цели

Луѓето се најсреќни кога се насочени кон исполнување на одредени цели. На работното место, тоа се одразува во ситуациите кога својата работа ја поврзуваме со некоја поголема цел или заложба. Тоа всушност и ни носи задоволство во кариерата. Особено важни се заедничките цели, бидејќи работиме заедно со другите луѓе и се трудиме да постигнеме нешто заедничко. Ова овозможува да ги славиме не само своите успеси, туку и успесите на луѓето околу нас.

Акцент на позитивните работи

Во животот ни се случуваат и позитивни и негативни работи. На сите нас, одредена средба во ресторан ни почнува со потешкотии при наоѓање паркинг или пак маса за ручек. Но, среќните луѓе имаат тенденција да се фокусираат на она што е добро – добриот ручек, времето поминато со саканите и тн.

Таквиот фокус има две основни предности:

  1. Секоја ситуација може да биде позитивна, бидејќи фокусот е на убавите нешта кои се случуваат, а не на негативните
  2. Информациите на кои се фокусираме се оние кои остануваат како дел од нас, во нашите спомени.

Простување

Во текот на животот, многу луѓе ќè не разочараат. Тоа едноставно е дел од животот – и ние ги разочаруваме другите. Некогаш е навистина тешко да се прости, но треба да знаеме кога чуваме бес и лутина во себе не наштетуваме никому друг освен на себеси. Простувањето ни помага да сфатиме дека некои работи се дел од животот и ни помага да се ослободиме од лошите чувства и да продолжиме напред. Тоа не значи дека секогаш мораме да и се вратиме на таа личност или пак да продолжиме со неа, туку едноставно да го пуштиме од себе она што се случило.