Патниците се жалат: Во двокатните автобуси фурна, во старите грч ладно

Патниците кои чекаат градски автобус на ниски температури кога ќе влезат во двокатните автобуси, се соочуваат со шок, бидејќи внатре понекогаш таа изнесува и плус 30 степени од надворешната.

И при моменталните услови и во највисоките температури во летото, на минус 10 и на плус 30 степени, проблемот е ист. Патниците се жалат дека температурите во некои од автобусите на ЈСП не соодветствуваат со надворешните, па се случува лете да се смрзнуваат, а зиме да се препотуваат од жештина.

Поради тоа, среде ноември, патниците ги соблекуваат капутите, а принудени се и да отворат прозорец за да се разладат или да земат воздух, затоа што температурите често се превисоки и неподносливи, особено на вториот кат.

"Мојот проблем е поврзан со клима-уредите во автобусите. Возачите претеруваат со температурните разлики во автобусите. Лете сите патници се облечени како за плус 40 степени, а во автобусите затекнуваме температури кои се претерано ниски. Тоа не е добро за човечкиот организам, затоа што ние сме запотени, а ладниот воздух во автобусите не здрвува. Истото важи и зиме. Сите патници се облечени како за 5 степени, а во автобусите температурата е премногу висока. Ќе се препотиме, ќе излеземе надвор, ќе не здрви ладното, па ќе настинеме. Има луѓе со здравствени проблеми кои се качуваат во градски автобус, не може возачите да приредуваат толкави температурни шокови. Таквото користење на климите и уредите за греење ќе потрае се додека некој постар човек не падне на влезот на автобусот како резултат на температурната разлика", вели еден патник.

Во старите автобуси, пак, патниците се тресат од студ. И покрај обновата на возниот парк, старите возила се почесто се забележуваат на скопските улици, па кога ќе пристигнат на станица, патниците негодуваат. 

 Кога ќе влезам во нив, ми се чини дека е поладно од надвор. Ќе седнам некаде, ќе се стуткам со капутот, но џабе, дува од сите страни. Од врати, прозорци, човек не може ни да забележи од каде дува. Единствено е топло кога е гужва, вели паничка, која секојдневно се вози со ЈСП.

Иако поретко, овој проблем се појавува и кај приватните автобуси. Нивните патници велат дека се случува возачот за да заштеди на гориво не го пушта греењето.