Партиите се уште без договор за парламентарните избори: СДСМ и ДУИ се за 5-ти јули, ВМРО-ДПМНЕ откако ќе заврши пандемијата

За да се запазат роковите треба да се одржат парламентарни избори на 5-ти јули, повтори синоќа техничкиот премиер Оливер Спасовски, а со истиот став е вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, смета дека избори треба да има дури откако ќе се стави крај на епидемијата со коронавирусот.

– Изборите мора да се одржат врз основа на законските прописи и врз основа на владината уредба. Таа уредба ги прекина активностите околу изборите. Така што, кога ќе заврши вонредната состојба, роковите за избори ќе продолжат и остануваат уште 22 дена, а тоа се поклопува со 5-ти јули како можен датум. Затоа, ако ги следиме овие факти тогаш датумот за избори е јасен. Нам ни треба функционална држава и ако нема избори ќе нема ништо, истакна Спасовски.

Според него, изборите ќе се организираат согласно протоколите, со внимание да имаме успешен и мирен изборен процес.

Премиерот нагласи дека сега имаме состојба во која ќе живееме подолго и затоа мораме да имаме избори во првиот можен рок, бидејќи немаме начин како да функционираме како држава ако немаме избори.

– Очекувам сите политички парти да направат сопствена анализа и да учествуваат на изборите, дополни Спасовски.

Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за дијалог и откако успешно ќе заврши пандемијата може да се зборува за поконкретни датуми и чекори за избори.

– Доколку од оваа призма како човек, како граѓанин барате одговор од мене, одговорот би бил: Ве молам дајте да се обидеме да спасиме што повеќе човечки животи и да работиме со нашите граѓани на протоколи, на мерки, да ги заштитиме од потенцијалната инфекција на овој вирус. Ајде прво тоа да го завршиме, бидејќи гледаме дека три месеци поминаа зад нас фрлени во ветер, ништо не се случи, ајде прво тоа да го завршиме а потоа првиот слободен термин да ги организираме тие избори. Тоа да се случи откако ќе се избориме конечно со оваа пандемија, рече Мицкоски.

Околу тоа, што ќе прави неговата партија ако СДСМ и ДУИ се одлучат за избори на 5 јули, Мицкоски рече „секоја чест ако тие решат да одат на избори кога броиме десетици заболени и неколкумина починати дневно и оти нема што да додаде ниту да одземе на тоа прашање“.

Османи смета дека нема друг датум освен 5 јули за одржување на предвремените парламентарни избори, посочувајќи дека такви се роковите и законски и логични.

– Ставот ние го кажавме, нема друг датум освен 5 јули во овој период што доаѓа. Такви се роковите, и законски и логични и какви било. Јас очекувам дека ќе постигнеме договор за 5 јули, за да ги вратиме институциите. Меѓутоа кога би ставил пак „на вага“ еден да заболи од изборниот процес, па макар и асимптоматски да биде, дали вреди сето тоа. Така што еве во овие две недели да ги следиме трендовите, нагласи Османи.