
Владејачкото мнозинство во Собранието доби нова поддршка откако ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците на Македонија (ДПТМ) вчера го официјализираа политичкото партнерство со потпишување договор за соработка и поддршка.
Со тоа, бројот на пратеници кои го поддржуваат мнозинството се зголемува на 59.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски оцени дека договорот претставува чекор кон дополнително зацврстување на политичката стабилност во државата.
Тој порача дека зголемената поддршка во Собранието не ја смета за привилегија, туку за дополнителна обврска кон граѓаните.
„ДПТМ ќе биде дел од владиниот кабинет, ќе има министер и неговото име ќе биде објавено по завршувањето на реконструкцијата на Владата. Во текот на следната недела предлогот ќе биде доставен до пратениците“, изјави Мицкоски.
Освен министерската функција, ДПТМ ќе предложи свои кандидати и за други институции, а според договорот, соработката е планирана како долгорочно политичко партнерство кое би продолжило и во идните изборни циклуси.