Општина Аеродром периодов интензивно работи на комплетна реконструкција на Паркот на езерата, што се наоѓа покрај кејот на Вардар, во непосредна близина на СЦ „Јане Сандански“, информираат од општината. Според нив станува збор за прва голема реконструкција на овој парк од неговата изградба.
„Во паркот деновиве се поставува нова урбана опрема, односно клупи за седење и канти за отпадоци. Во паркот има две големи фонтани и четири водопади, чии хидраулични системи ќе бидат заменети со нови, со што повторно ќе се стават во функцијата гејзерите кои се вистинска атракција и препознатлив знак на овој парк. Исто така, паркот ќе добие и ново осветлување, кое со својата уникатност, во вечерните часови внесува посебна магија на оваа локација.Со реконструкцијата, за безбедно движење на посетителите, ќе бидат опфатени и неколкуте моста што поминуват над водните површини. Се работи на обнова и на системите за полевање на тревниците коишто ќе бидат надополнети со ново хортикултурно уредување“, велат од општината.
Од таму додаваат дека паркот на езерата е еден од најпосетуваните паркови во Аеродром каде што жителите наоѓаат разладување, особено во текот на жешките летни денови. Од општината посочуваат дека веќе е при крај целосната реконструкција на паркот „Бановина" во Лисиче, а во наредниот период ќе бидат обновени сите паркови на територијата на Аеродром со што аеродромци ќе имаат убаво уредени места за одмор, релаксација и дружење.