Паркиралиште за велосипеди во паркот „Јане Сандански“ (фото)

Денеска, 10.8.2017 година, под мотото „Вклучи се за здрава животна средина!“ во паркот „Јане Сандански“ се одржа промоција на поставениот вело-остров, во соработка со Здружението на граѓани „Центар за климатски промени“, Гевгелија.

Целта е да се поттикне и олесни возењето велосипед, а со тоа и да се намали загадувањето на воздухот и бучавата во Скопје.

Оваа активност е дел од акцискиот план за поголема вклученост на јавноста во процесот на донесување одлуки од областа на животната средина, кој е изработен за периодот 2017-2020 година, преку проектот „Зголемено вклучување на граѓанското општество во процесот на донесување одлуки од областа на животна средина“ и е финансиран во рамките на програмата за акциски грантови на Цивика мобилитас.

Во рамките на промоцијата, на која присуствуваа дечиња од градинките „Срничка“ и „Буба Мара“, за првите 100 учесници беа поделени флексибилни ленти и беџови брендирани со логото на проектот, донаторот и пораката за вклучување за поздрава животна средина.