Парична казна и забрана за влез во Македонија: Како ќе бидат казнети навивачите од Полска?

На 07.06.2019 околу 17:50 часот, пред почетокот на фудбалскиот натпревар во рамки на квалификации за „ЕП 2020“ помеѓу репрезентациите на Република Македонија и Република Полска, во паркот на франкофонијата во Скопје дошло до физичка пресметка меѓу две групи на полски навивачи.

Веднаш е интервенирано од страна на полициски службеници и приведени се 223 лица во полициските станици Гази Баба, Кисела Вода, Карпош и Ѓорче Петров за понатамошна постапка.

Против нив се поднесени соодветни поднесоци пред надлежен суд за прекршоци.

КУРИР дознава дека над 200 полски навивачи веќе имаат добиено и исплатено парични казни за вчерашните случувања. Оние со кои стапивме во контакт добиле најниска парична казна од 200 евра по лице.

Но, Полјаците кои вчера беа дел од масовната физичка пресметка, а ноќта ја минаа во полициска станица, според закон, ќе мора да платат многу повисоки казни.

Колкави казни ќе добијат?

Законот е прецизен, членовите детално објаснуваат. За нарушување на јавен ред и мир, законот за ваков вид на прекршоци посочува:

Член 11

Кој на јавно место учествува, предизвикува или поттикнува друг на тепачка ќе му се изрече глоба во висина од 300 до 500 евра во денарска противвредност.

Учествувањето во тепачка  со намера да се укаже помош или заштита на нападнатото лице или да ја спречи истата не се смета за учествување во тепачка во смисла на ставот 1 на овој член.

Кој прекршокот од ставот 1 на овој член го изврши во група ќе му се изрече глоба во висина од 700 до 1.500 евра во денарска противвредност.

КУРИР побара одговор од МВР, но од таму информираат дека колкави ќе бидат казните не е одлука на министерството, туку на судовите.

Дополнително, судот треба да одлучи колку години овие лица ќе имаат забрана за влез во Македонија.

Зависно од прекршокот, забраната треба да важи од 2 до 5.