Не сакам да работам за плата од 200 евра. Јас имам факултетска диплома, иако немам искуство...

Во Агенцијата за вработување постојано има огласи за работа и нови мерки за вработување, особено за помладите до 29 години.

Многу млади немаат работа, а многу компании не можат да најдат кадар... Каде лежи проблемот...

-Јас имам бутик за детска гардероба. Постои околу една година. Имам една продавачка, барам уште една, за да можат да работат во смени. Никако да најдам. Платата е 13.000 плус осигурување. Сите кои ќе дојдат се незаинтересирани за работа. Секогаш муштеријата треба да е на прво место, а не разговорот на телефон или пак допишувањето. Мислам дека сум коректен, но и јас барам коректност, раскажува Киро.

-Постојано имаме потреба од келнери. Сакаме млади деца, но младите дефинитивно не се заинтересирани. Работат еден ден, веќе наредниот ги нема. Келнерската плата не е воопшто лоша во Скопје, особено во летниот период кога имаат и бакшиш. Не знам каде е проблемот, вели Здравко.

-Јас сакам да најдам работа, ама не за 200 евра плата. Јас сум дипломиран правник, сум учел и сакам да бидам платен. Точно е дека немам искуство, но од некаде мора да се почне. Но, не се почнува со 200 евра, додава Мартин.

Со 50.1% младинска невработеност, Македонија е на трето место во светот по невработени млади во листата што неодамна ја објави Светската банка.

Со поголема невработеност се само Јужна Африка со стапка од 54.2% и Босна и Херцеговина со 67.5%.

Од регионот, пак, освен Босна најголема младинска невработеност има Грција (47.4%), Србија (33.7%), Хрватска (29.4%), Словенија (15.4%), Бугарија (15.0%).