Папата Фрањо ќе доаѓа во Скопје во септември?

Папата Фрањо се очекува да дојде во Скопје во септември годинава. Поводот за неговата посета е прогласувањето на Мајка Тереза за светица.

Монсињор Антон Циримотиќ од Католичката црква во Скопје потврди дека се зборува за евентуална посета на папата и на претставници од Ватикан, но за такво нешто народот треба добро да се подготви.

“Папата не би дошол заради него туку заради овој народ. Тој оди некаде за да се види со народот, не заради негов интерес. Мислам дека луѓето овде не се доволно подготвени да го пречекаат. Народот мора да сака да ја слушне неговата порака. Неговата посета многу би ни значела, особено во овој момент, кога земјата се наоѓа во тешка ситуација. Навистина ни е потребна неговата порака. Ако тоа се случи, земјата мора многу да се подготви за да го пречека, бидејќи цел свет ќе биде свртен кон нас”, вели Циримотиќ.

Тој вели дека сe уште немал информација дали прогласувањето за светица ќе биде во Рим или во Скопје.

Циримотиќ нагласува дека евентуалната посета на папата би била значајна за Македонија, ако се земе предвид дека тој досега бил во посета на регионот, како во Албанија, Бугарија и во Босна и Херцеговина.

Министерството за надворешни работи вели дека се испратени и официјални покани во Ватикан за годинешнава посета.

“Првата покана ја испрати Претседателот на државата во јуни 2014 година, па потоа поканата беше реафирмирана и од премиерот во првата половина на 2015 година. Последен пат поканата до папата ја повтори усно Претседателот во октомври минатата година, при неговата последна посета на Ватикан. Неговата посета би била многу значајна, не само во чест на прогласување на Мајка Тереза за светица и за промовирање на нејзините знаменитости во земјата туку и за подобрување на билатералните односи”, велат од МНР.

Папата Фрањо и го призна второто чудо на Мајка Тереза, и со тоа се отвори патот таа да биде прогласена за светица. Чудото кое беше потребно за нејзино прогласување за света е поврзано со лекување на маж во Бразил, кој имал сериозна мозочна инфекција.