Папата Франциск ја продолжува Апостолската посета- денес во Софија, утре во Скопје

Поглаварот на Католичката црква, папата Франциск денеска го продолжува дводневниот престој во Бугарија со посета на бегалскиот прифатен центар „Враждебна“ на периферијата на Софија.

За време на престојот во кампот, папата ќе има средба со неговиот директор, со претставникот на хуманитарната организација „Каритас“ и со дел од волонтерите што им помагаат на бегалците, а ќе се сретне и со деца сместени во центарот.

По посетата на кампот, понтифот ќе отпатува за градот Раковски, што се наоѓа во близина на Пловдив, каде ќе одржи миса во католичката црква Пресвето срце, по што ќе се сретне со претставници на локалната католичка заедница.

Официјалниот дел од посетата на Бугарија папата Франциск ќе го заврши со молитва за мир на плоштадот „Независност“ во Софија, на која ќе присуствуваат и претставници на други верски заедници во земјата.

Во вторник папата од Софија ќе допатува во Скопје, каде ќе има средби со претставници на македонските власти, на невладиниот сектор и на дипломатскиот кор, ќе ја посети меморијалната куќа на Мајка Тереза, ќе одржи света миса на централниот градски плоштад „Македонија“ и ќе има екуменска и меѓурелигиска средба со млади лица од различни верски заедници.

Инаку, низ Софија можат да се видат билборди на кои се најавува дводневниот престој на папата во земјата во рамките на неговата Апсотолска посета на Бугарија и Северна Македонија.

На билбордите има фотографии на папата Франциск, верски мотиви или пригодни пораки.