Пандов: Работата е најдобра ресоцијализација - за жал осудениците сега доаѓаат да ја одлежат пресудата, а не да ја одработат

Работата е најдобра ресоцијализација. На тој начин што ќе оспособиме осудени лица или осуденички и ќе им дадеме занает, ние ќе им дадеме начин како кога ќе излезат од затворите да остваруваат приходи за сопствениот живот, а да не се враќаат на криминалот, вели директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов.

Тој нагласи дека веќе година и половина, откако е на функцијата, работат да се смени начинот, бидејќи „за жал сега доаѓаат да ја одлежат пресудата, а не да ја одработат“.

Пандов, кој вчера заедно со управникот на Затворот „Идризово“, Зоран Јовановски оствари средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која беше во посета на работилницата-шивална, којашто функционира во рамки на женското одделение во КПУ-КПД Идризово, Скопје, посочи дека првпат во историјата на Република Македонија, претседател на држава е дојден во посета да види работно ангажирани осуденички.

„И тоа е голема чест и за затворскиот систем, за Управата за извршување санкции, за самиот затвор Идризово. И јас, ќе ми дозволите повторно да го кажам она што го кажа и претседателката, а тоа е дека сум длабоко уверен, а сега после овие година и пол директорување во Управата имав можност да посетам неколку држави и повеќе затвори – работата е таа којашто е најдобра ресоцијализација“, изјави Пандов.

На тој начин што ќе оспособиме осудени лица или осуденички на коишто ќе им дадеме занает, нагласи Пандов, ние ќе им дадеме начин како кога ќе излезат од затворите да остварат приход за сопствениот живот понатака, а да не се враќаат на криминалот.

„Го поздравувам директорот Зоран Јовановски, којшто ја направи оваа акција, и се надевам дека нема само на ова да останеме. Затворот Идризово повторно ќе биде една економска единица којашто ќе прави приход, не само за затворот, туку и за цел затворски систем и за државата Македонија. А, ќе прави добро на тој начин и за самите осудени лица, коишто за жал сега доаѓаат да ја одлежат пресудата, а не да ја одработат. Ќе направиме сè тоа да го смениме“, нагласи Пандов.