Пандев – Амбасадор на УЕФА Супер Купот СКОПЈЕ 2017

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев денеска беше промовиран во Амбасадор на Суперкупот на УЕФА 2017, натпревар што треба да се игра во август во Скопје, меѓу освојувачите на Лигата на шампионите и Лига Европа.

Пандев се заблагодари за довербата и посака на 8 август на „Телеком Арена“ за трофејот во Суперкупот да се борат Јувентус или Барселона против Манчестер Јунајтед.

На денешната прес-конференција на Националната Арена присуствуваше и претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски кој најави спектакл.

– Ќе бидеме домаќини на еден од најголемите настани. Горди сме што ја заслуживме можноста да бидеме домаќини на ваков настан. Благодариме на УЕФА за дадената доверба. Ова е сон на многу генерации фудбалски работници од минатото. Стадион по сите критериуми на УЕФА. Еден од најдобрите во регионот. Чест и задоволство Горан Пандев да биде амбасадор на Суперкупот, рече Ѓорѓиоски.

Од Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор најавија дека сите рокови се запазени и дека Арената ќе биде подготвена за големиот настан.

– Досега имавме преку 80 инспекции од УЕФА и ги спроведовме сите нивни укажувања и препораки. Арената официјално за натпревари ќе биде затворена по 11 јуни кога се игра квалификацискиот дуел Македонија – Шпанија. Потоа ќе работиме на подготовка на теренот, нагласи директорот Цветко Грозданов.