Пандемијата го направи своето: Бројот на патници кон Грција намален за повеќе од 80%

Во 2020 бројот на пристигнувања од Македонија во Грција се намалил за 84,5%, што во најголем дел е резултат на пандемијата и затворените граници.

Од над три милиони пристигнувања во 2019 година по копнен пат од Македонија во Грција, лани, поради пандемијата и затворените граници, бројот се намалил на 500.000, односно регистриран е пад од 84,5 отсто, согласно податоците од Институтот на Здружението на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ), јави дописничката на МИА од Атина.

Секако, најголем број на влегувања преку нашите гранични премини во соседната држава се остварувани во текот на туристичките сезони, нешто што изостана во 2020 година, особено за земјите кои не се членки во ЕУ. Како што веќе знаеме, туристите од Македонија и Србија имаат огромен удел во развојот и одржувањето на туризмот во соседна Грција. 

Во јануари регистрирани биле 149.020 пристигнувања, за 90.8 проценти повеќе од истиот месец во 2019 година, во февруари 162.686, речиси на исто ниво како и една година претходно, а падот започнува од месец март, по воведените први рестрикции, по што следат два месеци кога границите целосно беа затворени.

По отворањето и тоа само на одредени граничните премини, влезот во Грција беше забранет за државјани на трети земји, одлука што сè уште е во сила, па така во летните месеци, односно во периодот од јуни до септември, регистриран е пад од 94,5 до 97,6 отсто на пристигнувањата по копнен пат од Македонија.