Палата со слуги, готвачи и дадилка: Ова е едно од најбогатите скопски семејства

Во 20-тите години на 20 век во Скопје многу познато било семејството Крангови. Браќата Костаки и Ѓорѓи Крангови имале многу убави куќи и тоа една на улица „Серава“, каде што им била првата заедничка семејна куќа, а втората (на Ѓорѓи) се наоѓала на улицата „Св. Кирил и Методиј“.

И двете куќи имале по два ката, а биле познати по бањите опремени со скапи плочки и санитарни уреди. Наемник по цел ден во визбата пумпал вода. Кујните, исто така, биле поплочени, а се готвело на ѕидани шпорети. Мебелот во куќата бил импозантен, а сјај му давале големите биљур-огледала. Во куќите имало слуги и готвачи, а за одгледување на децата се грижела дадилка.

Капиталот на Крангови секојдневно растел, а почнал да се зголемува и со трговијата со недвижности. Бил купен цел комплекс магацини и куќи на просторот до денешната стара Железничка станица, а, исто така и повеќе дуќани во Старата чаршија, меѓу кои најубав и најголем бил оној за текстил, на два ката, каде што работеле браќата.

Тие решиле да изградат палата која го носела нивното име. Првичните планови биле во Кранговата палата да биде сместена Поштата на Скопје. Палатата имала темели од два метра, што уште повеќе ја зголемувало цената и вредноста на градбата.

Кранговата палата навистина била импозантна градба и била доволна за убав живот, но Крангови се зафатиле со текстилно производство и со својот капитал целосно ја реновирале фабриката „Земун“. Можеби поради вложувањето на капиталот во оваа фабрика, почнала да попушта економската моќ на Крангови. За тоа придонела и големата кражба во која бил украден целиот семеен накит од домот на Ѓорѓи. Но, сепак, Крангови и палатата биле и останале гордост на Скопје.